Убил над 36 жени, не чувствувал вина за ниту една од нив – Кој е Тед Банди, најозлогласениот убиец на 20-тиот век?
Поминаа повеќе од три децении од неговата смрт, а Тед Банди уште е можеби најозлогласениот убиец во светот. Банди е одговорен за смртта на најмалку 36 жени, пред да биде ставен зад решетки и погубен во 1989 година.
Јавноста до денес ја лазат морници кога слуша за свирепите злосторства на Банди, а во продолжение можете да дознаете зошто.
Мајката на Тед Банди, Елеонор Луиз Ковел, имала 22 години кога го родила во 1946 година. Не е познато кој е таткото на Тед, бидејќи неговото име наводно не е ни во изводот на раѓање.
Родителите на мајка му Луиз се срамеле бидејќи Тед бил вонбрачно дете. Поради ова, првите години од животот тие се грижеле за него, а на сите им кажувале дека Луиз му е всушност сестра.
Веројатно првите предупредувачки знаци за Тед се појавиле многу рано. Уште во детството, Тед го интересирале мрачни и морничави нешта, а на само 3-годишна возраст почнал да покажува голем интерес за ножеви. Тед бил и добар ученик, но не се снаоѓал најдобро со соучениците.
Во тинејџерските години проблематичното однесување станало поизразено. Имено, Тед сакал да ѕирка низ туѓи прозорци, а одвреме-навреме и крадел.
Тед бил образована личност и завршил психологија на Универзитетот во Вашингтон, а потоа се запишал и на Правен факултет, но никогаш не дипломирал.
Во студентските денови Банди почнал врска со богата девојка која наводно многу ја сакал. Но, таа го оставила. По раскинувањето Тед како целосно да се променил – станал самоуверена личност која почнала да се занимава со социјални и политички проблеми.
Не е познато кога Тед почнал да убива, но според повеќето извори, првото убиство го завршил околу 1974 година, периодот кога неговата самодоверба значително се зголемила.
Полицијата почнала да се сомнева кога во областа на Сиетл и Орегон почнале да исчезнуваат многу млади девојки. Според очевидците, сите девојки биле забележани во друштво на млад маж со темна коса.
Тед ги мамел жртвите преправајќи се дека е повреден и му треба помош, а потоа ги убивал. Неретко, жртвите биле и силувани. Наводно, скоро сите жени убиени од Тед многу наликувале на неговата поранешна девојка што му го скршила срцето.
Убиецот првпат е уапсен во 1975 година, за киднапирањето на Карол ДаРонч – една од малкуте жени кои успеале да избегаат од него. Тогаш Тед добил казна затвор од 1 до 15 години, а во апсењето помогнала неговата тогашна девојка која почнала да се сомнева дека нешто не е во ред.
Но ова не значело крај за неговите злосторства – Тед двапати успеал да избега од затвор во 1977 година.