Факти за Чарли Ватс, тапанарот на Rolling Stones кој почина на 80 години: Го победил ракот, не можел да спие без сопругата
Во 2004-тата година го победи ракот, а над 50 години беше неизоставен дел од Rolling Stones. Додека неговите колеги од бендот се забавувале на турнеи, тој седел сам во хотелската соба, а од секоја соба имал скица. Прочитајте повеќе факти за Чарлс Ватс - легендарниот тапанар на Rolling Stones....
Легендарниот тапанар на рок групата Rolling Stones, Чарлс Ватс почина мирно на 80-годишна возраст во вторникот (25.08).
Неговата смрт беше потврдена од неговиот публицист. Чарли Ватс беше член на бендот од 1963-тата година.
Тапанарот се повлече од Rolling Stones на почетокот на овој месец поради влошување на здравствената состојба, иако претходно беше најавено дека Стоунси повторно ќе одат на турнејата што беше одложена заради пандемијата.
Според официјалното известување од портпаролот на Стоунси, Ватс починал мирно во болница во Лондон опкружен од членовите на неговото семејство.
Тој беше неизоставен дел од легендарниот рок состав над 50 години, а за него постојат повеќе факти што ретко кој ги знае. Еве дел од нив:
Мразел рокенрол
Неговата природа во голема мера се противела на рок-славата. По природа Ватс бил мошне скромен и тивок. Тој на почетокот воопшто не ја разбирал суштината на рокенролот, во една прилика дури изјавил дека го мразел Eлвис Присли. Во Rolling Stones дошол како џез тапанар, а тајните на занаетот ги учел од колегите во бендот.
На почетокот другите членови во бендот воопшто не биле сигурни во неговите способности и дали тој воопшто одговара како член на бендот. Сепак, подготвеноста да учи и посветеноста се исплатиле, па така Ватс ќе остане забележан како еден од најдобрите рок-тапанари во историјата.
Пред да стане тапанар бил графички дизајнер
Ватс во 50-тите години работел како графички дизајнер во Данска за британската рекламна агенција Charles, Hobson and Grey пред да им се придружи на Стоунси.
Неговото знаење од графичкиот дизајн ќе го искористи понатаму во дизајнирањето на сетовите за турнеите на бендот, а автор е и на некои од нивните први омоти.
Не можел да спие без сопругата
Додека за останатите членови од бендот турнеите значеле луди забави исполнети со алкохол, секс и опојни сусптанции, Ватс имал проблеми да спие во хотелските соби без неговата сопруга. Тој се оженил за Ширли Ен Шепард во 1964-тата година и заедно ја имаат ќерката Серафина.
Направил скици на сите хотелски соби во кои престојувал
Во едно интервју, Ватс признал дека имал навика да прави скици на секоја хотелска во која престојувал. Во таа прилика не разоткри дали оваа навика е поврзана со тоа што имал проблем со несоници, но рече дека нема намера да се откаже од неа. Изјави дека ги чува сите цртежи, а се надеваше дека сите тие еден ден ќе бидат објавени во вид на книга.
Се избори со рак на грлото во 2004-тата година
Ватс ја победи битката со ракот во 2004-тата година. Тој се откажал од цигарите во 1980-тите години, а морал да помине терапија со зрачење и беше излекуван.
Ватс ќе остане запаметен како „најтивкиот“ член на Стоунси, човекот што не беше толку многу во очите на јавноста како неговите колеги Кит Ричардс и Мик Џегер, но секако имаше огромен удел во креирањето на култната музика што беше пример за многумина други и што го трасираше патот по кој што понатаму ќе се развива рокенролот како музички правец.
Во 1997-мата година Rolling stones ја објавија песната Anybody seen my baby?, а во официјалниот спот се појави и Анџелина Џоли. Да се потсетиме на овој огромен хит на бендот:
Б. С. Б. | Црнобело