Дизајниран за возачите да останат чисти – Факти за култната Веспа, мотоциклот кој сите сакаат да го имаат
Дизајнерот што имал задача да го креира култниот мотоцикл, сметал дека моторите се грди и нечисти – затоа кога го направил, водел сметка за тоа како да останете чисти додека се возите, а жените да може да носат здолниште.
Летото е во полн ек, а во сообраќајот сè поприсутни се и „Веспа“ мотоциклите. Постојат повеќе причини зошто во летниот период луѓето сакаат да се возат на мотоцикл: економичен е, лесен за управување, нема потреба од клима-уред и секако мошне е практичен за да се справите со метежот. А, ако станува збор за овој модел, многумина го гледаат како „стилско превозно средство“.
Во продолжение неколку интересни факти што можеби не сте ги знаеле:
„Веспа“ има 75 години
„Веспа“ годинава го прослави својот 75 роденден. За првпат овој мотоцикл бил произведен во 1946-тата година, а веднаш потоа се стекнал со голема слава. Денес овој мотоцикл е еден од најчесто копираните и важи за едно од најмодерните возила на две тркала.
Бил направен за воени потреби
Компанијата Piaggio која почна да го произведува славниот мотоцикл, претходно во 19-иот век била сконцентрирана на бродоградба и на воздухопловство. Поради ова за време на Втората светска војна нивните фабрики биле целосно уништени.
Веднаш по војната, фабриките биле возобновени за да им се помогне на силите на Алијансата, но како поранешни учесници во Тројната Оска, не им било дозволено да произведуваат авиони – така била родена идејата за производство на мотоцикли со цел да се задоволи побарувачката од евтин транспорт.
Дизајнот на „Веспа“ е инспириран од американски воен мотоцикл
Мотоциклот „Веспа“ е инспириран од американскиот „Модел 53“ што бил лесен мотоцикл со мали тркала, а главна намена му била да биде испраќан со падобрани на воените боишта за време на Втората светска војна. Голем број вакви мотоцикли биле испраќани во Италија за да им послужат на италијанските партизани.
Дизајнерот мразел мотоцикли
Зад првичниот дизајн на мотоциклот стои дизајнерот Корадино Д'Асканио. Овој дизајнер бил мошне радикален и ексцентричен - на 15 години го изградил своето прво летало, а исто така го дизајнирал и првиот италијански хеликоптер.
Сепак, тој не сакал мотоцикли и сметал дека се непропорционални и нечисти, па затоа одлучил да направи возило на две тркала што ќе биде поразлично.
Така, ги префрлил менувачите за брзини на рачките, а наместо да ја префрлате ногата за да се качите, направил подлога за качување со штитници за нозете и за жените да може да се возат во здолништа.
Тој исто така, наместо да го остави отворен, како што претходно било практика, решил да го скрие моторот за возачите и нивната облека да останат чисти.
Името го добил според карактеристичниот звук
Името „Веспа“ има цела приказна за себе. Првично за мотоциклот се користело не описно име со бројки, но промената на името дошла откако врвните лица во компанијата забележале дека раните верзии со дво-тактен мотор испуштале звук како зуење на оси. На италијански зборот vespa значи оса.
Благодарение на Холивуд стекна светска слава
Иако веднаш станал хит кај народот, успехот на „Веспа“ бил забрзан благодарение на тоа што мотоциклот бил промовиран во повеќе холивудски филмови.
Светски познатите филмски ѕвезди Анита Екберг и Одри Хепберн се возеа низ Италија на „Веспа“ мотоцикли во филмовите La Dolce Vita и Roman Holiday, а на голем број филмски продукции им биле позајмени „Веспи“ за потребите на снимањата.
Сега, 75 години подоцна „Веспа“ е еден од најпродаваните мотоцикли. Дополнително, неговиот уникатен дизајн е еден од најчесто копираните кај другите светски производители на мотоцикли.
Постојат околу 12 различни модели на „Веспа“, а по повод 75-иот роденден компанијата одлучи да го пушти во продажба и најновиот модел, насловен „Primavera“. Според официјалните податоци, досега се продадени над 19 милиони мотоцикли.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: Pexels / Pinterest