Мразел јајца со различна големина – Факти за омилениот белгиски детектив на Агата Кристи
Доколку сте љубител на мистерии, тогаш романите на Агата Кристи мора да ви се едни од најомилените за читање. А кога ќе се спомене нејзиното име, неминовно се поврзува со уште едно - името на големиот белгиски детектив Херкул Поаро, еден од најомилените книжевни херои на Агата.
Поаро е еден од најдобро осмислените и најуникатните ликови во историјата на литературата. Методичен, рационален и исклучително педантен, неговото однесување опасно се приближува кон опсесивно-компулсивното. Но, токму тоа го прави различен и неодолив со неговите „мали сиви (мозочни) клетки“.
Прочитајте неколку интересни детали и факти за големиот Херкул Поаро:
1. Херкул Поаро првпат се појавил во новелата на Агата Кристи „Мистериозната афера во Стајлс“ (The Mysterious Affair at Styles) која била издадена во 1920 година. Во првичната верзија на книгата, Поаро ги дал сите објаснувања за случајот во судница, но додека книгата се издавала, се сменила и верзијата и тој ги изнел доказите во многу попријатната дневна соба.
2. Првиот опис за Поаро, големиот детектив, гласи вака: „Тој достигнуваше одвај 153 сантиметри, но се движеше со големо достоинство. Неговата глава имаше форма на јајце и секогаш ја наведнуваше малку кон едната страна… Уредноста на неговата облека беше скоро неверојатна; верувам дека зрнце прашина ќе му предизвикаше повеќе болка отколку рана од куршум“.
3. Поаро е пензиониран белгиски полицаец кој станал светски познат приватен детектив, но Кристи првично размислувала за различни детективи за нејзините мистерија, вклучувајќи некој што е ученик или научник.
4. Поаро бил мошне незадоволен од нарушувањето на редот и симетријата и сметал дека: „Навистина е неодржливо што секоја кокошка несе јајце со различна големина! Каква симетрија тогаш може да има на масата за појадок?“ Тој исто така одбивал да јаде и леб доколку истиот имал неправилна форма.
5. Поаро особено се гордеел со својот изглед, започнувајќи од беспрекорно негуваните мустаќи до лакираните чевли. Тој користел и специјална мешавина за косата наречена „Revivit“ за да ги покрие седите влакна.
6. Всушност, мустаќите на Поаро биле толку многу важни што Агата Кристи лично била замолена да го одобри нивниот изглед во филмот „Азбучните убиства“ во 1965 година, во кој Тони Рендал ја толкува улогата на детективот.
7. Некрологот на Поаро се појавил на насловната страница на „Њујорк Тајмс“ во 1975 година пред објавувањето на книгата „Завеса: Последниот случај на Поаро“. Ова е прв случај во историјата измислен лик да добие ваков третман.
8. Во ретко видеоинтервју, Агата Кристи била запрашана кој е најдобриот роман на Поаро. После неколкуминутно двоумење, таа изјавила дека веројатно е „Убиство во Ориент Експрес“.
9. Поаро бил особено пребирлив и во однос на пијалаците што ги консумирал. Тој редовно пиел топло чоколадо и чај, но еднаш го нарекол кафето без кофеин „одвратност“.
10. Поаро e главен лик во дури 33 романи, 59 раскази и 1 оригинална театарска претстава на Агата Кристи, како и во и 4 продолженија на Софи Хана.
(О)Милена | Црнобело