„Ако верувате во ограничувања, тие ќе станат вистински“ – најдобрите цитати на Лујза Хеј
Лујза Хеј почина на 30 август во 2017 година во својот дом, опкружена со најблиските пријатели, сосема мирно, онака како што ѝ доликува на една од најпознатите мотивациски говорници на сите времиња.
Хеј беше позната како тренер за човечки развој, чии мисли и афирмации останаа непресушна инспирација за многу луѓе ширум светот.
Хеј, која почина на 90-годишна возраст, доживувајќи длабока старост, немала воопшто розово детство. Родителите ја напуштиле, живеела мошне сиромашно, постојано гладна и оскудно облечена. Била жртва на силување, а најголемата пресвртница во нејзиниот живот е фактот што успеала да се излекува од рак.
Со помош на здрава исхрана, медитација, психотерапија и мотивациски афирмации и визуелизации, Лујза Хеј успеала да го трансформира својот живот станувајќи вистинска ѕвезда, автор на многубројни книги кои се популарни ден денес.
Прочитајте дел од нејзините најдобри цитати:
„Ракот е предизвикан од длабок, долготраен гнев и тагата која ја носите во себе. Тоа трае толку долго што буквално ве јаде одвнатре. Тоа е длабока тајна, голема тага, омраза која ја негувате кон некој.
Клучот на лекувањето е во тоа што треба да почнеме да се сакаме себеси и да се прифатиме такви какви што сме“.
„Можеби не знаеме како да простиме и можеби не сакаме да простиме, но кога ќе кажеме дека сме подготвени да простиме, тогаш почнува нашето исцелување“.
„Ако верувате во ограничувања, тие ќе станат вистински“.
„Длабоко во средината на моето битие постои бесконечна добрина и благодарност. И сега, дозволувам таа благодарност да ми го преплави срцето, телото, умот, свеста, целото мое битие.
Таа се шири од мене, во сите правци, допирајќи сè во мојот свет и ми се враќа низ нови работи за кои треба да бидам благодарна. Колку повеќе благодарност чувствувам, толку повеќе станувам свесна за нејзините неисцрпни резерви“.
„Кога ќе му кажете ДА на животот, тогаш и животот вам ќе ви каже „ДА“.
„Растеме духовно кога ја прифаќаме одговорноста за својот живот. Бидете подготвени да го направите првиот чекор колку и да ви изгледа мал“.
„Вие ја имате моќта да се излечите сами и мора да сте свесни за ова. Често мислиме дека сме беспомошни, но тоа не е точно. Моќта е во нашиот ум“.
„Љубовта е најголемата, лековита сила којашто ја познавам. Љубовта може да ги излекува најдлабоките, најболните сеќавања, затоа што таа носи светлина, разбирање. Ги осветлува најтемните ќошиња од нашето срце и умот“.
„Самоодобрувањето и самопочитувањето во овој момент се главниот клуч за позитивни промени во секоја област од вашиот живот“.
„Вие сте единствената личност која ги одредува мислите. Вие сте авторитет на својот свет. Ниту една личност, место или предмет немаат никаква моќ над вас, затоа што вие сте единствениот мислител во својата глава“.
(О)Милена | Црнобело