Најдобрите совети кои Марк Закерберг им ги даде на димпломираните студенти на Харвард
Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг оддржа говор во чест на новата генерација на дипломирани студенти на Харвард. Со својот мотивирачки говор кој иако траеше долго, го држеше вниманието на сите присутни на настанот, но и на илјадници луѓе кои го следеа настанот во живо преку Фејсбук.
Тој предложи нов предизвик за нашата генерација и зборуваше за како речиси секој може да постигне големи работи во животот, а притоа да помага кон напредок на светот. Зборуваше за сите дефинирачки моменти во неговата успешна кариера и за глобалните проблеми со кои светот се соочува, а ја сподели и неговата омилена приказна.
Кога Џон Кенеди го посетил центарот на НАСА, сретнал еден чистач и го прашал што работи тој, а чистачот му одговорил: „Претседателе, јас помагам да го однесеме човекот на Месечината“. Па оваа идеја и Марк сакаше да ја сподели со младите, да создадат можности за повеќе луѓе да се чувствуваат дел од нешто големо и да имаат цел во животот.
Еве неколку од неговите најдобри совети од говорот:
1. Претходните генерации се собраа заедно и го однесоа човекот на Месечината, го изградија Хувер Дам и ја измислија вакцината за детска парализа. Овие големи напори им дадоа на цели заедници на луѓе цел во животот. Да пробаме да ги решиме најголемите проблеми со кои општеството денес се соочува може да изгледа многу страшно и големо, но ги советувам младите луѓе да не се обесхрабруваат ако не знаат точно што прават или како да го решат проблемот. Знам дека најверојатно мислите: Не знам како да изградам брана, или како да вклучам милиони луѓе да се инволвираат во нешто. Но, слушнете ја оваа тајна: никој не знае од почеток. Идеите не доаѓаат целосно оформени. Тие стануваат јасни колку повеќе работите на нив. Единствено што треба да направите е да започнете. Ако требаше да знам сè за комуникацијата помеѓу луѓето, никогаш немаше да го направам Фејсбук.
2. Големи проблеми на кои треба да работат младите луѓе се климатските промени, подобрување на здравството и модернизирање на гласачкиот процес.
3. Целта во животот е чувство дека сме дел од нешто поголемо од нас самите, дека сме потребни на некого, дека има нешто подобро во иднина за што вреди да работиме. Целта во животот е тоа што ни носи вистинска среќа.
4. Има многу големи компании со многу ресурси. На почеток мислев дека некој од нив ќе го направи тоа што јас го правев. Идејата ни беше многу јасна, дека луѓето сакаат да се поврзуваат, да комуницираат. Па затоа, продолживме, ден по ден. Знам дека секој од вас има своја идеја и своја приказна баш како оваа. Промена во светот која изгледа толку јасно и лесно што сте сигурни дека некој друг веќе ја прави или ја направил. Но, не ја прави никој друг. Вие сте тие што ќе ја направите.
5. Идејата дека постои еден Еурека момент е многу опасна лага. Ни прави да се чувствуваме неадекватни затоа што сè уште не сме го имале нашиот момент. Ги ограничува луѓето кои имаат многу добри идеи да започнат со нивното остварување.
6. Добро е да бидеме идеалисти. Но, секогаш oдете подготвени да бидете неразбрани. Секој кој работи на голема визија ќе биде нарекуван луд, дури и ако излезе дека бил во право. Секој кој работи на комплексен проблем, ќе биде осудуван дека не го разбира целосно предизвикот, иако е невозможно да знаете сè од почеток. Секој кој презема иницијатива ќе биде критикуван дека се движи пребрзо, затоа што секогаш ќе постои некој кој ќе сака да ве забави.
7. Во нашето општество, многу често не правиме големи работи поради тоа што сме исплашени да не направиме грешка. Толку сме исплашени што ги игнорираме сите работи кои ќе останат погрешни во општеството, ако не направиме нешто. Реалноста е дека што и да направиме ќе се соочи со проблеми во иднина. Но, тоа не смее да нè спречи да почнеме.
8. Најголемиот успех доаѓа од слободата да не се плашиме од неуспех.
9. Сите можеме да најдеме време да помогнеме некому. Ајде да дадеме секому шанса да може да ја следи својата цел, не затоа што е правилното нешто да се направи, туку поради тоа што кога повеќе луѓе ги остваруваат своите соништа и прават големи работи, толку е подобро за сите.
10. Промената започнува локално. Дури и глобалните промени започнуваат од малку, со луѓе како секој од нас.
А. В. | Црнобело