Пауло Коелјо: 5 работи кои секој млад човек треба да ги знае
Ви ги откриваме петте најмудри совети на бразилскиот писател за тоа како треба да гледате на животот, без оглед на тоа дали сте студент или веќе работите.
Кога Пауло Коелјо ја напишал книгата „Алхемичарот“, неговиот прв издавач се откажал од неа, затоа што почетната продажба била слаба.
За среќа, бразилскиот писател пронашол нова издавачка куќа, која многу повеќе верувала во неговото четиво, а сè останато е веќе историја.
Денес „Алхемичарот“ се вбројува меѓу најчитаните книги на сите времиња, а изобилува со животни мудрости кои и на самиот Коелјо му помогнале да се етаблира како инспиративен писател.
На својот блог, авторот ги сподели петте работи што секој млад човек треба да ги знае:
1. Акцијата е прв чекор до успехот
Успехот нема сам да дојде, ако вие не исчекорите први. Преземањето акција е и единствениот начин да научите. Можете повеќе да учите, повеќе да читате, повеќе да слушате, но ако не преземете никаква акција, сето знаење ќе остане само знаење. Од друга страна, успех е кога знаењето ќе го претворите во акција.
2. Компензирајте ги слабостите со доблестите
Секој од нас има свои слаби и јаки страни. Како и да е, слабостите не смее да ве запрат да бидете успешни и да го освоите почитувањето на другите. Затоа, фокусирајте се на доблестите, а не на своите слабости.
3. Истрајте!
Во „Алхемичарот“, постои цитат кој вели дека кога нешто навистина го посакувате, целиот универзум прави заговор за го остварите сонот. Можеби на својот пат ќе наидете на нешто поради кое ќе се посомневате во својот сон, но мора и понатаму да останете фокусирани и „опседнати“ со него.
4. Одбивањето е нормална работа
Пауло го обожува пишувањето и верува во себеси. Сепак, писателот се присетува на минатото, кога со многу ентузијазам испратил текст со поезија до едно угледно списание, а сè што добил за возврат било понижување. Отпрвин, го доживеал премногу лично, но со тек на времето го надминал одбивањето. Ова искуство го охрабрило да се подобри себеси.
5. Вработувањето не значи и успех
Добивањето работа во корпоративниот свет може да ви донесе многу пари, но тоа не мора да значи и дека сте успеале. Работењето она што навистина го љубите е дар во кој само малкумина уживаат, но не е и невозможен за достигнување.
М. А. | Црнобело