Извадоци од најубавите машки љубовни писма во историјата
Бел лист кој може засекогаш да го промени вашиот живот. На него црни букви кои се обид да се изјави најмоќното и најубавото чувство на овој свет, љубовта. Сте добиле некогаш љубовно писмо?
Рачно напишаните писма денес се ретка ако не и изумрена традиција за изразување на силните емоции. Единственото нешто што можеме да го сретнеме во нашите поштенски сандачиња се сметките и рекламите.
Токму затоа, во чест на носталгијата за пишаните зборови еве неколку од најпознатите извадоци од љубовните писма низ историјата.
На прво место се наоѓа Џони Кеш, „Човекот во црно“, кој на својата љубена Џун Картер Кеш за 65-от роденден ѝ пишува во 1994 година.
„Среќен роденден, принцезо. Остаревме заедно и се навикнавме еден на друг. Исто размислуваме. Еден на друг си ги читаме мислите. Знаеме што сака другиот без поставување прашања. Понекогаш си одиме на нерви. Можеби понекогаш и се сфаќаме здраво за готово.“
„Но, одвреме - навреме, баш како денес, размислувам за сè и ми станува јасно колку сум среќен што го делам животот со најдобрата жена која некогаш сум ја запознал. Сè уште ме инспирираш и фасцинираш. Ти ме правиш подобра личност. Ти си предмет на моите желби и главна причина поради која јас постојам. Многу те сакам.
Среќен роденден, принцезо“.
Покрај ова прекрасно роденденско писмо од една од најубавите романтични приказни од светот на шоу бизнисот, тука се и некои од најубавите цитати од романтичните песни во историјата:
Џон Китс на неговата прва сосетка Фани Браун за тоа како не може да живее без неа во 1819 година:
„Без тебе не можам да постојам. Заборавам на сè. Секој пат кога ќе те погледнам од прозорецот мојот живот запира и во тој момент јас не ја гледам иднината. Целосно ме обземаш.“
Ернест Хемингвеј за својата љубов кон Марлен Дитрих во 1951 година:
„Не можам да го опишам тоа чувство, но секој пат кога ќе ги ставам моите раце околу тебе чувствувам дека сум пристигнал дома“.
Наполеон Бонапарта ѝ изјавува љубов на неговата Жозефина во 1796 година:
„Откако те напуштив постојано сум несреќен. За мене среќа е да бидам покрај тебе. Непрестанато живеам во сеќавањата за твоите милувања, твоите солзи и твојата нежност и грижливост. Шармот на неспоредливата Жозефина постојано гори како блескав пламен во моето срце“.
Ричард Бартон за убавината на Елизабет Тејлор во 1964 година:
„Моите очи кои не гледаат, очајно чекаат да те видат. Ти се разбира не сфаќаш како си секогаш фасцинантно прекрасна и каква чудна, посебна и опасна убавина поседуваш“.
Кралот Хенри VIII за Ана Болејн во 1527 година:
„Ве преколнувам како би ги дознал вашите намери за нашата љубов. Неопходноста ме тера да го добијам тој одговор, затоа што веќе година дена ранет сум од стрелата на љубовта и сè уште не сум сигурен дали ќе успеам да најдам место во вашето срце“.
Бетовен за неговата „бесмртна љубов“ чиј идентитет сè уште останува како мистерија во 1812 година:
„Иако сум сè уште во креветот, моите мисли се со вас, моја „бесмртна љубов“. Бидете мирна, љубена. Денес, вчера, солзен копнеж за тебе, тебе, тебе, мој животе, моја сè. Ох, и натаму не престанувајте да ме љубите, никогаш не го потценувајте срцето на вашиот сакан. Засекогаш твој. Засекогаш свој. Засекогаш наш“.
Жерард Форд на својата сопатничка Бети Форд веднаш по дијагностицираниот рак на дојка во 1974 година:
„Нема пишани зборови кои можат соодветно да ја изразат нашата длабока, длабока љубов. Знаеш колку си ни прекрасна и на мене и на децата, ќе настојуваме да бидеме силни за тебе. Нашата вера во тебе и Бога ќе нè одржи. Нашата љубов за тебе е бесконечна“.
Џими Хендрикс за неговата „мала девојка“ да рашири крилја:
„Среќата е во тебе. Затоа отклучи ги ланците во твоето срце и порасни како прекрасен цвет каков што си. Јас го знам одговорот. Само рашири ги крилјата и ослободи се“.
Винстон Черчил на својата жена Клементина за неговата вечна љубов во 1935 година:
„Моја драга Клеми, во твоето писмо од Мадраса си напишала како јас сум ти го збогатил животот. Не можам да ти опишам колку си ме направила среќен. Кога би се пресметала сметката на љубовта никогаш не би можел да ти се оддолжам“.