Огромни ѕвонарки потопени во кал, „асл-плс“ на Мирц – ми недостигаат 2000-ите во сиот свој сјај
Титкањето на мобилен ни беше меѓусебен знак, а ако се јавиш ти се потроши целиот кредит. Пораката беше 5 денари, но понекогаш мобилниот оператор знаеше да ни се смилува со некој пакет каде добиваш 500 пораки бесплатно. Всушност, тие ги користевме како допишување кое денес го правиме на Вибер, Инстаграм, Фејсбук. Се сеќавате на ова време?
Ова беа годините од 2000 до 2010, кога јас бев тинејџерка и студентка, па предностите и мааните ги доживеав токму на вистинскиот начин.
Знаевме да префрламе слики, посебно песни и „рингтонови“ преку инфраред. За тие што не знаат – ги допиравме мобилните едендодруг на местото каде беше инфраредот, тие се спојуваа и така се преземаа податоци. Подоцна се појави блутутот кој беше за нас нов изум.
Во 2000-тите ретко кој имаше домашен интернет, затоа поумните знаеја да поврзат интернет мрежа преку фиксниот телефон.
Таа процедура се одвиваше во доцните часови затоа што тогаш тарифата беше поевтина и фиксниот телефон мораше да се исклучи.
Другата варијанта за користење интернет беше интернет-кафето каде си плаќаш на час, но најпрво треба да почекаш за слободен компјутер затоа што сите сакаа да „сурфаат“.
Тогашната социјална мрежа беше hi5 која беше налик Фејсбук, но за жал не доживеа понатамошна слава.
Се допишувавме со оние кои ги знаеме преку тогашен MSN Messenger како денешен Вибер, а на Мирц се допишувавме со непознати.
Таму се потпишувавме под псевдоним, во самата платформа наоѓавме други псевдоними кои се во моментот онлајн и започнувавме разговор.
Генерациите кои користевме Мирц, до ден денес се шегуваме со поздравот „asl pls“ што значи „име, пол и место на живеење, те молам“.
Модата знаеше да биде „смрзнувачка“ затоа што се носеа огромни ѕвонарки кои се влечат, со низок струк и честопати голи стомачиња.
Во периодите на дождови знаеја да бидат извалкани затоа што „бришевме“ улици со ногавиците поради предолгата должина.
Момците носеа фризура со „боцки“ кои се стврднуваа со гел. Оваа фризура воопшто не беше практична затоа што, покрај тоа што не изгледаше убаво, другиот ден веќе мора да се поправа или мие.
И покрај комплицираноста на 2000-те, сакам да се врати дружбата и добрата музика, да ја немаме потребата од постојано сликање, снимање и објавување по социјални мрежи, да бидеме присутни во моментот.
Впрочем, титкањето тогаш значеше многу повеќе од денешното допишување.
Се сложувате ли?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. Л. | Црнобело