Ние ќе ти купиме стан, ама ти сè уште доаѓај си на ручек и носи ги алиштата за перење – ех, тој македонски менталитет
„Дојде време кога нашето дете порасна и е време да се осамостои. Реши дека сака да оформи свој дом, па така со маж ми одлучивме дека е време целата заштеда во животот да ја инвестираме во мал стан кој ќе го направи среќен. Нормално, како за македонски услови, заштедата не беше доволна, па земавме и еден кредит кој ќе го исплаќаме до пензија, наредниве 15 години“. Ах тој македонски менталитет...
„Мојот син работи пристојна работа со убави примања, но тогаш сфатив дека тие пари нема да се доволни да се опреми станот по негов вкус, па малку си ја пуштивме чергата и со дополнителни потрошувачки средства од банката земавме сè што посака. Еден ден и снаа ќе заживее, па дечиња ќе се растрчаат. Вреди, зар не?“
Тоа е наша обврска како родители. Да овозможиме иднина за децата. Типичното македонско сфаќање кое е дел од нашите пори.
Во која друга држава, освен на Балканот, ова се води како нормално и прифатливо?
Родителите се должни да ни дарат животот, да ни дадат правец, патоказ и помош кога треба, но секако дека не се должни да ни обезбедат покрив над глава на наши 30 години кога лебот го вадиме сами.
Приказната не застана тука...
„Мојот син среќен за неговиот нов дом, почна да се осамостојува, но рака на срце, многу ни недостасуваше, па решивме да се обидеме да функционираме на познатиот начин за секој млад човек кој живее на македонско тло.
Уморен е од работа, истоштен постојано... Мора да го чека ручек дома, да приготвам повеќе да остане и за вечера, а сендвичот за на работа секако ќе го оставам од вечер подготвен во фрижидер.
Нормално, машината за перење алишта ќе биде тука „за ако притреба", додека останатото јас го земам на неделна база, го перам, пеглам и подготвувам за идната недела. Па не може синот да ми оди на работа неуреден, нели?
Додека не си најде женичка....
За викенд сум послободна, па така во недела наутро правам генералка во станот каде што преовладува мирис на цигари и алкохол од викендот кога синот ќе реши да се опушти со друштвото.
Чаши насекаде, валкани постелнини и садови.
Не ми е проблем, мајка сум. Ќе средам се, тоа ми е работа."
Не, мајка, тоа не ти е работа! Твојата работа е онаа за која работиш 40 часа неделно и вадиш леб за дома.
Во моментот кога твојот син посакал да се осамостои, не добил само слобода, туку и обврска да се грижи за она што вие ќе го отплаќате секој месец.
Не треба да се надевате на женичка која ќе го среди, бидејќи како и секоја женичка, така и тој маж има две раце кои може да испеглаат и машина која може да испере.
Ручекот може да го приготвите за да седнете заедно на трпеза како семејство, а не за да се најаде кога е сам. Секако гладен нема да остане.
Не им ги отсекувајте крилјата на децата кои сакаат да одлетаат. Не создавајте хендикепирана младина зависна од родителите, само за да знаете дека сте сè уште корисни во животот на вашите деца.
На крајот од денот, секое дете го знае мирисот на домот на своите родители и топлата прегратка која секогаш ќе ги чека, независно дали се сè уште деца или возрасни луѓе.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. У. Т. | Црнобело
фото: pexels.com