Среќен 8-ми Mарт на мајките на небото – ве сакаме каде и да сте!
8-ми Март е празникот на жената. Денес е денот кога ги прегрнуваме и им подаруваме цвеќе на саканите жени: мајки, тетки, баби, сестри, учителки, колешки... На сите жени во нашите животи им го честитаме празникот и ја одбележуваме нивната рамноправност во општеството.
Тоа е денот кога жената наместо „украс“ во општеството станала негов составен механизам, кој дејствува, делува и придонесува, а за оние што небото им одзело по некоја сакана жена овој празник има и по малку горчина.
На Денот на жената, кога сите слават и честитаат, нам што прерано ги загубивме мајките - ни се стега грутка во срцето. Им посакуваш среќен празник на сите жени околу себеси, а на најважната жена во својот живот не можеш да ѝ кажеш ништо.
Боли кога сакаш од душа да кажеш „Среќен 8-ми Март мамо“, но неа ја нема.
Живееш за спомените, за убавите мигови од старите Денови на жената, кога со парите заштедени од ужинка си трчала да купиш каранфил и да ѝ го подариш на жената што ти дала живот.
Сакаш само уште еднаш да можеш да ги видиш нејзините очи, нејзината насмевка, да ѝ го слушнеш гласот како ѝ одѕвонува додека се смее и се радува затоа што си нашла начин да ја изненадиш и да ѝ го разубавиш денот.
Се сеќаваш на старите приредби во училиште и во градинка кога со солзи радосници во очите гордо те гледала како ја рецитираш песничката посветена за неа.
Се сеќаваш на празниците што поминале и благодарна си што ги имаш барем спомените.
Ги прегрнуваш сопствените деца кои со детска невиност во очите ти даваат рачно изработена честитка и велиш: „Благодарам мило мое!“ и се надеваш дека некаде од небото таа гледа и горда е што нејзиното срце преку поколенијата продолжува да чука.
Затоа денес честитајте им и заблагодарете се на сите жени околу вас.
Прегрнете ги жените што ги сакате и честитајте им, без сарказам, без коментари од типот: „само вам жените нешто ви фали“, без да ги осудувате дека „само бараат внимание“, без споредби од типот „што правите вие жените, а што правиме ние мажите“.
Подарете барем еден цвет и кажете им колку ви се важни. Кажете им дека ги сакате и прегрнете ги од срце.
Напишете една кратка порака во која ќе ги воздигнете и со која ќе знаат дека ги почитувате и ги цените.
Не заборавајте дека времето ни е кратко и дека никој не е вечен на овој свет.
Еден ден, по многу години, можеби ќе сакате да им го честитате празникот и да ги прегрнете, но ќе ги нема.
Еден ден ќе живеете за убавите спомени од денешниот ден и за убавите сеќавања дека сте им го разубавиле денот макар со еден цвет.
Среќен 8-ми Март на сите мајки и на сите жени на небото – ве сакаме и ни недостасувате, каде и да сте.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело