Го посетив Истанбул - таму бездомните кучиња безгрижно спијат во продавниците, а кај нас едвај милениците ги примаат во локалите
Без сомнеж – Истанбул е еден од најубавите градови коишто сум ги посетила. Meшавина од сплотени култури со кои човек одеднаш може вистински да ги доживее блискоисточните и западните вибрации.
Прекрасната глетка покрај Босфорот, автентичната Капали чаршија, палатите Топкапи и Долмабахче, џамијата и некогашна црква Аја Софија - се само неколку од знаменитостите кои оставаат без зборови.
За целосно доживување на Истанбул е потребен цел живот, бидејќи има толку многу агли, ќошиња и пукнатини кои бараат да се искусат, па сигурна сум дека ќе се вратам повторно.
Турците се неминовно гостопримливи, чисти и внимателни луѓе и да бидам искрена, поинаков пречек не ни очекував – Но, што е она што ме изненади најмногу?!
Нивниот третман кон бездомните животни. Велат, не верувај слепо дур не видиш со свои очи, но овојпат се уверив самата.
Viaport Asia Outlet Shopping е еден од многуте трговски центри кој решивме да го посетиме и истиот располага со над 250 продавници.
Зачекорувајќи во првата продавница што ми се најде на патот, забележав големо бело куче кое спие во внатрешноста на самиот влез. Си реков: „Кутрото, си влегло да се стопли“.
Предводена од нашето (домашно) искуство, се исповртев едно стопати во случај некој да се исплаши и да повика да го избркаат – но напротив, се случи токму спротивното.
Луѓето безгрижно влегуваа и практично кажано „си ја бркаа својата работа“, а многумина од нив застануваа да го погалат. Изненадувањето ја достигна својата кулминација кога сфатив дека истото се случува буквално во секоја втора продавница.
Во трговскиот имаше безброј кучиња. Дел од нив спиеа во меѓупросторот на влезот, дел можевме да начекаме покрај закачалките, а имаше и такви кои спиеја во излозите.
Нивната блискост со продавачите беше очигледна, бидејќи покрај галењето, постојано проверуваа дали имаат вода и храна во чиниите оставени надвор од продавницата.
Една од продавачките ми кажа дека тие се нивни „домашни“ миленици и дека никогаш досега немале проблем, бидејќи се препитоми. Благокажано, бев фрапирана.
Бидејќи грото од нив беа навистина големи, кај нас веројатно би ги нарекле „магариња“ и би ги шутнале со самото доближување до продавницата. А можеби би извадиле пушка и би ги застрелале.
Се запрашав: „Колку светлосни години сме поназад?!“ Кај нас во мода се бруталните изживувања и масовните труења, зарем не?! И евтаназијата, да не ја заборавиме.
Секако, постои и друга страна која ќе рече: „Кај нас има агресивни чопори кои напаѓаат и повредуваат луѓе“.
Да, се сложувам. Постојат предели, постојат луѓе кои не се чувствуваат безбедно. Но, што се преземало, што се презема? Дали убивањето и евтаназијата претставуваат решение?!
Во што е разликата од нивните до нашите кучиња, зарем едните оделе во училиште, а другите не?!
А, да не заборавам. Во секое кафуле, секој ресторан и бар луѓето безгрижно си седеа со своите миленици. Да, нивните миленици седеа на столче, исто како и луѓето.
А ние ќе изгубиме пола ден дур најдеме локал кој ќе го прими нашиот миленик. Секоја чест за исклучоците, вие сте светлата точка.
Па да сумираме... Уште колку треба да истрчаме за конечно да го стигнеме 21-иот век?!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Мила М. | Црнобело