Ми фалат времињата кога новогодишните празници се славеа по три дена со хотелски аранжмани
Новогодишните празници се поминуваа во ресторани и хотели, божиќните со семејството, а за Стара Нова година сите одеа на дочек. Се сеќавате ли како беше порано?
Годинава новогодишните празници се вклопија во викенд, така што поголемиот дел од нас воопшто не добија слободни денови и викендот го поминаа во славење, а во понеделникот се вратија на работното место, исчекувајќи го крајот на следната работна недела кога ќе имаме еден или два неработни денови.
Дополнително, поради ситуацијата со светската пандемија втора година по ред сите сме некако резервирани и уплашени да излеземе од дома.
А, како беше порано?
Тие што се родени пред и во 80-тите и во почетокот на 90-тите се сеќаваат на едно време кога новогодишните празници се славеа по три дена. Родителите и возрасните три дена одеа на прослави.
Хотелските и ресторанските аранжмани најчесто вклучуваа дводневни и тридневни прослави. Се сеќавам како вчера да беше.
Мама ги пеглаше фустаните за Нова година, кошулите на тато, се подготвуваа и заминуваа на прослава. За секоја вечер различна облека, различни чевли, различна фирзура. Децата најчесто остануваа со баба или со некој друг што беше во можност да ги чува.
Се славеше Нова година, па Нова година втора вечер, па трета вечер… Во тие три дена родителите имаа можност да излезат, да поминат во добро расположение и со пријателите и најблиските. Имаше и такви што се собираа во домашни услови, но и тие прослави траеја три дена.
Ние децата се радувавме на голем број честитки, пакетчиња, подароци … Сите ќе ти дадат по некој денар да си купиш нешто …
Нашите новогодишни желби беа:
„Мир во светот“, „Многу подароци под елката“, „Здравје …“
Божиќните празници беа резервирани за домот и за семејството. Три дена седевме дома, јадевме, уживавме во домашна атмосфера до елката и со божиќната програма на телевизија. Немаше интернет, немаше видео-игри, а за Бадник никој не излегуваше од дома.
Деца како деца, одевме на коледе, а вечерта на семејната бадникова вечера седевме дома и се радувавме на паричката или се лутевме ако не ни се падне, па некои мајки и родители беа покреативни за да ги задоволат желбите и да им „ја наместат паричката“ на „лутковците“ во семејството.
И таман ќе поминеа новогодишните и божиќните празници, доаѓаше Стара Нова година или православната Нова година, а за овој ден се знае: прослава во ресторан или во хотел со лепче со паричка и со добра забава. Повторно нов фустан, нови чевли, нов аранжман во хотел или ресторан.
Некои деца повторно добиваа пакетчиња и подароци, исто како и за првата.
Зошто го говорам ова? Можеби помалку ме фаќа носталгија за едно минато време што мене лично ми изгледа како побезгрижно и како поубаво или само сакам да ви кажам како беше порано.
Можеби затоа што знам дека никогаш нема да имам можност да го искусам она што го искусиле моите родители, ниту пак да се вратам во времето кога бев дете и се некако ми изгледаше поедноставно и полесно. Како и да е убаво е да се присетиме на некои минати времиња, а на оние што не ги искусиле да им раскажеме како беше порано.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: depositphotos.com