Обожавателка во сеќавање на Тоше Проески: „Не можеше да дојде на мојот роденден, но не заборави да ми се јави – таков човек беше“
Од секогаш ме влечеше новинарската професија, но сите ми велеа новинар секој може да стане, па затоа да одберам попрофитабилна работа. Единствено Тоше ми рече: „Силванче, следи си го сонот. Никогаш не знаеш до каде ќе стигнеш, ја гледам страста во твоите очи. Од мене секогаш ќе имаш ексклузивитет за сите вести и ќе бидеш во мојот тим.“
Тоа беше сосема доволно без никакво сомневање да го запишам факултетот, на кој бев на почетокот на втора година кога тој замина. Сакав да се отпишам бидејќи повеќе ја немаше причината зошто да продолжам со студиите.
Благодарение на колегите кои целосно ме поддржуваа, ме убедија да не се откажам од животот и да продолжам да учам, да направам кариера со која тој ќе се гордееше и да го продолжам неговото сеќавање.
И така и сторив, дипломирав и девет години го следев мојот сон, работејќи како новинар, и пишувајќи често за Тоше. Уште од петто одделение почнав да пишувам книга за неговиот лик и дело, онака детска и наивна, но најискрена.
Таа книга Тоше сакаше да ја издадеме, многу му се допадна, требаше со новиот албум на англиски да ја објавиме, но…. Тој си замина предвреме, пред да успееме.
Никогаш не го заборавив, ниту ќе го заборавам, спомените од него ќе ги носам до последниот мој здив, а солзите се тешки како и првиот ден. Колку и да се зборува и пишува за него е малку.
Сè уште ми се појавува на сон и ми праќа пораки. Во најтешките моменти, кога мислам дека повеќе нема решение, одеднаш сè се решава, чувствувам некоја енергија, некоја сила. Знам дека тоа е тој, како што ми вети на сон една вечер кога штотуку замина, си го оддржува ветувањето.
Овој ден 16-ти октомври го мразам по 14-ти пат и ќе го мразам засекогаш. Но тој, тој е тука некаде околу мене, околу нас, го чувствувам. Тоше ќе те сакаме секогаш.
Приватното студио на Тоше каде ги чуваше сите подароци кои ги спакував во пакетот за роденден (мече, свеќници, стаклена икона)
Слика од спомен куќата на Тоше - првата икона од лево му ја подарив во пакетот и ставена е во делот приватни работи кои постојано ги носел со себе.
Слика со неговиот внук Кристијан.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело