Ќе полагате за возачка? Спремете си пари, нерви и одвојте време за многу солзи
Се подготвувате да земате часови за да полагате за возачка дозвола? Честитки, така од прилика изгледа деветтиот круг од пеколот.
Оние коишто претходно веќе возеле и мислат дека знаат сè, поминуваат лошо. Оние коишто никогаш не седнале на возачкото седиште и немаат идеја ни колку педали има долу, поминуваат уште полошо.
Никако не си. Ниту да имаш некое предзнаење, ниту да си „дудук“. Полагањето за возачка дозвола е едно од најкошмарните нешта, особено во главниот град, од секој можен аспект.
Блазе си ви на сите вас кои сте начекале некои подобри времиња, сте го фатиле „последниот воз“ и сте успеале да земете возачка за 200 евра или пак полагањето на градска од вторпат го доживувате како некоја особена траума.
Денес, возачката е луксуз којшто чини дупло или трипати повеќе од претходно споменатата сума, а успешното полагање градска од трети или четвртипат се доживува како успех и повод за честење и славје.
Од каде да се започне, а да не се заплаче? Од почетната сума која со текот на месеците магично се дуплира? Од бројот на дополнителни часови?
Од метежот и возачите-сограѓани кои се толку нехумани и нетрпеливи и не ви даваат ниту 10 секунди мир на улица без да ви свират и да ве навредуваат, само затоа што возилото ви има ознака Автошкола, иако не возат ништо подобро од вас?
Од сумата за секое повторно користење на возилото, иако сте влегле да полагате и за 3 минути сте се вратиле на првата почетна точка?
Од односот на членовите на комисијата кои најчесто бараат „влакно во јајцето“ и имаат непишано правило да не пуштат никого од „прва“, иако можеби кандидатот вози одлично?
Критериумите се толку високи и практично невозможни, што да влезе да полага и член од комисијата – и тој ќе падне.
Од солзите кои ќе ги исплачете со секое наредно паѓање на тестови, полигон или на градска?
Од времето коешто ќе го изгубите пополнувајќи уплатници, чекајќи ред во банка и чекајќи ред за да ве внесат во системот за полагање, чекајќи термин, и повторно и повторно, истиот макотрпен процес, вртење во круг кој како да нема крај.
После долги месеци макотрпност, по некое чудо положивте. Честитки. Инструкторот ве известува дека немате поим од возење и дека умеете само да тргнете и да застанете.
Е дури сега ќе научиш да возиш. А надвор те очекува најлошиот можен сообраќај и најнекултурните возачи со нула трпение и емпатија.
Возачката стана луксуз за кој треба да одвоите многу пари, да имате челични нерви и многу дебела кожа.
А сепак, и покрај многуте ригорозни мерки, возачите се сè полоши и полоши. Зошто?
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело