Немој да си викаш премногу ми е добро за да биде вистинито, ќе се урочиш

nemoj-da-si-vikash-premnogu-mi-e-dobro-za-da-bide-vistinito-kje-se-urochish-01.jpg

Има ли периоди кога мислите дека сè ви оди од рака? Си викате како е можно да сум олку среќна/среќен? Си викате дека животот ви е токму таков каков што посакувате да биде?

Е па, немојте, ќе се урочите.

Јас така си бев на 7-мо небо, си викав нереално е да ми е вака добро. Гледав како се одвиваат туѓите животи и за мојот си велев дека е совршен според моите стандарди за добар живот.

Дури на моменти се фаќав како чувствувам дека само се фалам пред пријателките, па си велев намали со возбудата, ќе мислат глумиш, лажеш, не може на некој да му е мед и млеко.

И тогаш оп, се случи животот, ме тресна од земја.

Не дека не се имало случено и порано, но сега некако ептен ме погоди, изгледа затоа што си велев дека сега ништо не може да тргне на лошо.

Сфатив дека кога си велиш дека е премногу добро за да биде вистинито, лесно е да се урочиш. Си го гледаш животот со розови очила и за миг тој се крши на милион мали парчиња.

nemoj-da-si-vikash-premnogu-mi-e-dobro-za-da-bide-vistinito-kje-se-urochish-02.jpg

И се менува од корен. Го нема темпото на кое си навикната, ги нема работите што ги сакаш, сè изгледа од корен поинаку.

Секојдневието се менува, за некои работи што ти беше лесно како пердув да ги направиш, сега ќе ти треба енергија од петни жили, малите секојдневни задоволства може инстантно да ги снема, а животот каков што го знаеш да исчезне сосема, барем на извесен период.

Само миг е доволно за сè да се претвори во пепел.

И тогаш си велиш можеби премногу бев полна со себе, можеби премногу се рафрлав со тоа колку ми е добро, можеби не требаше така да пристапам. Можеби сама се урочив.

Но, не, потоа сфаќаш дека лошото ќе се случеше секако. Дека ништо ти сама не повикуваше, дека едноставно лошите работи доаѓаат кога најмалку очекуваш, а воопшто не те прашуваат дали вратата им е отворена.

И да беше скромна претходно и да си велеше ќути, ќути нека трае, лошото пак ќе си дојдеше. Таков некој ритам си има животот.

Како кај сите така и кај тебе ќе има трагедии што ќе те удрат од земја, ќе има болести, ќе има изгубени сакани лица, ќе има солзи, ќе има болка, ќе има каење за постапки.

Но, потоа ќе има и среќа и незаборавни мигови и вистинска љубов и насмевки и работите ќе се вратат во колосек.

Добро е кога е добро, но добро е и кога не е најсјајно. Што не поминало, па ова да не помине?  

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Жено, твоето премалку за некого е премногу – цени си го животот! Ти не си свесна, но имаш сè. Имаш човек што те љуби. Имаш луѓе кои за тебе би го...
До сите родители кои треба да им ја кажат вистината за Дедо Мраз на своите деца „Дедо Мраз постои, но тој не е старец со брада и црвен костим. Тоа е само нешто ...
Децата ме прашуваат: „Мамо, зошто си нервозна? Не, не сум, само сум престимулирана и имам тантруми“ Маневрираш со жешки тенџериња околу децата, газиш на подот преполн со трошки, па...
Не чекајте да остарите за да почнете вистински да живеете Таа на 5 години во огледало гледа принцеза, на 20 е незадоволна од изгледот, на ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg