Симпатијата од другото одделение, тетратка на тесни-широки: Магијата на првиот школски ден ќе ја помнам засекогаш
Ми недостасуваат тие безгрижни денови, кога единствена обврска ни беше да имаме 5-ки, се натпреварувавме чиј хамер ќе биде закачен на ѕидот и на која песна ќе правиме кореографија за училишниот патронат. Сигурно и вие сте ги имале сините тетратки со тенки-широки линии. Ми останаа трауми од детството кога мајка ми ми искина една бидејќи полжавчињата не ми беа еднакви. А радост беше моливот на кој беше испечатена таблицата за множење, мислевме дека ќе препишуваме на тестот по математика.
Се сеќавате на таа еуфорија пред првиот школски ден? Кога броевме денови да им ги покажеме новите патики на другарите, да се фалиме кој има поубав прибор и да видиме со кого ќе ја делиме клупата? Па, и еуфоријата на самиот прв школски ден - возбудата, радоста, симболиката за нов почеток.
Секој почеток на новата учебна година е ист, иста еуфорија, страв и среќа, измешани емоции, и многумина со нетрпениe го очекуваат тој прв школски ден, гушкањето со другарките кои цело лето не сме ги виделе, стравот од новите наставници, купувањето на прибор, изборот на предмети, непрочитани лектири и бирањето и носење облека … Специјално за 1-ви септември. И да, симпатиите од другото одделение, дали ќе ги видиме?
Прибори, моливи и тетратки
Верувам дека и многумина, како и јас, го поминуваа август по книжарниците, барајќи го совршениот прибор. Јас бев прваче во 1995 година, па оттогаш секој август си го поминував барајќи нов ранец и прибор.
Во тоа време имаше само неколку големи книжарници и Скопскиот саем, кој цела недела изложуваше само училиштен прибор, тетратки и цел тон на ранци! Во последниве години е полесно, големи супермаркети, продавници и онлајн продажби, но кога јас бев во основно училиште имаше само книжарници.
Сонував за прибор на катови, тој со три патенти, еден за моливи, еден за боички и еден за фломастери и бев заљубена во тетратките со спирали. Еј, на времето беа многу поскапи, а наставничката не тераше да ги купуваме оние со тврди корици, ама воопшто не ги сакав тие.
Фото: Facebook
А јаготка на шлагот беше хартијата за виткање на книгите. Со часови поминував додека ја најдам онаа кога најмногу ми се допаѓа, па уште толку време да најдам налепници кои одговараат. Ех, слатки маки беа тоа!
Секоја година нов ранец
Непишано правило беше секоја нова година да се купи нов ранец,. Најголема „срамота“ беше да се користи истиот од мината година. Мојот прв ранец беше зелен со Том И Џери, потоа следуваше црвен со мала ташничка во комбинација, а потоа во мода беа кожените ранци, кои не собираа речиси ништо.
А да и големите папки со најразлични дезени. Се чувствував важно кога одев со папка на учишлите место ранец. Кон крајот на основното училиште во мода беа ранците со една прерамка, а тие, гледано денеска, навистина беа неудобни, ама деца.
Фото: Facebook
А во комбинација со новиот ранец мораше и нови патики, ма цел аутфит за првиот школски ден. Мислам дел цел август го поминував гледајќи по излозите во блискиот трговски центар. Немаше голем избор како денеска.
И да, Просветно дело, се сеќавам на редиците за да земат потребните книги, читанки, учебници и работни листови. А летниот одмор беше резервиран и за читање на лектири.
Фото: Твитер
Како го поминав летниот распуст
Првоодделенците раскажуваа, основците пишуваа текстови, а пак средношколците есеи, ама темата беше иста - како го поминав летниот распуст?
Фото: Твитер
Некој бил кај баба и дедо на село, некој летувал на море, трет на езеро, други на планина, ама сите раскажуваа како си ги поминале трите месеци надвор од училишните клупи. Па чекавме кој ќе биде повикан да го чита на глас, пред целото одделение.
Ми недостасуваат тие безгрижни денови, кога единствена обврска ни беше да имаме 5-ки, се натпреварувавме чиј хамер ќе биде закачен на ѕидот и на која песна ќе правиме кореографија за училишниот патронат.
Жал ми е за сите оние дечиња кои не го доживеаа 1-ви Септември како ние на времето, со големи претстави, со игри и натпревари. Гледам како тргнало времето ќе има само електронски учебници … ах, децата нема да знаат колку е важна бојата на хартијата за виткање книги!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело