Носталгија за старите времиња: Некогаш за сликите од одмор организиравме седенки, а денес добиваме само стикер во коментар

Порано носевме апарати со филм... Се знаеше, на еден филм има околу 36 фотографии, па внимававме секоја фотографија да ја искористиме максимално...

Ako-ne-se-slikash-isto-kako-da-ne-si-bil-nikade-zoshto-imame-potreba-postojano-da-objavuvame-sliki-01.jpg

Фотографиите порано служеа за сеќавања, а денес за што служат? Како да се променил самиот поим на значењето на фотографиите.

Денес фотографиите служат за да се разврзе дискусија на социјалните мрежи, за луѓето да видат дека сме тука, дека нешто правиме, дека сме присутни... Ниту едно бебе не се родило без да добие честитки на социјалните мрежи, ниту едно дете не дочекало роденден без неговата фотографија да ја видиме на Фејсбук, а таму ги споделуваме и оние, тажните мигови.

Кога се подготвуваме за одмор сите сме горе-долу слични. Пакуваме облека, крпи за плажа, козметички препарати и секако мобилен телефон со добра камера.

Важно е дека мора да се сликаме, затоа што ако немаме слики за објавување, тоа е исто како да не сме биле на одмор – никој нема да знае каде сме биле.

Денес, откако ќе се сликаме резултатите можеме да ги видиме веднаш – како сме излегле и ако не ни се допаѓа, лесно е - ќе се сликаме пак.

Како беше порано? Порано носевме апарати со филм... Се знаеше, на еден филм има околу 36 фотографии, па внимававме секоја фотографија да ја искористиме максимално – а оние што сакаа да направат повеќе фотографии носеа и повеќе филмови.

Хорор филм беше ако децата го нашле апаратот и си сликале сè што ќе им се најде пред нив. 

Ako-ne-se-slikash-isto-kako-da-ne-si-bil-nikade-zoshto-imame-potreba-postojano-da-objavuvame-sliki-02.jpg

Па, кога ќе заврши одморот се знае што се прави. Апаратот во фото-студио, затоа што така е најбезбедно, да не се осветли филмот и да пропаднат сеќавањата.

Потоа откако ќе се развијат фотографиите, се бираат само најдобрите, се ставаат во семејниот албум, па се собираат пријателите на седенка, се гледаат сликите, се дискутираат, се разговара за тоа каде сте биле, како сте си поминале...

Денес, ретки се оние што воопшто ќе ги развијат фотографиите.

Некои можеби ќе ги префрлат во некоја папка на компјутер и ќе ги сочуваат за некои идни моменти, а некои и ќе ги избришат – нема потреба да ги чуваат кога веќе ги имаат на социјалните мрежи. Како тоа што не сме се намачиле многу за фотографиите, да направи и да немаат некаква важност.

Лесно е, во секој миг можеме да направиме нови и поубави фотографии...

Не знам зошто, ама ми се чини како да се променил самиот поим на значењето на фотографиите. Како да се сликаме - не за да ги сочуваме спомените, не за да го смрзнеме мигот во кој што сме биле среќни и да имаме можност да се присетиме на истиот додека ги гледаме старите фотографии, туку како да го правиме тоа за да докажеме дека сме тука и дека постоиме.

Ако не се сликаш како да не си бил на одмор, а ако те нема на социјалните мрежи исто како и да немаш идентитет

И тоа е во ред, во ред е што работите се менуваат... Но, некогаш не сме ниту свесни колку многу ни се променил животот во последните 20-тина години. Во колкава мера сме станале зависни од социјалните мрежи, па наместо да се сеќаваме и да ги помниме родендените на драгите луѓе, се потпираме на тоа дека социјалните мрежи ќе нѐ потсетат.

Сопствениот идентитет го градиме врз основа на она што го објавуваме на социјалните мрежи, а другите знаат што ни се случува заради нашите објави.

Ете, затоа имаме постојана потреба да се сликаме – затоа што имаме потреба од постојана комуникација, а во денешното брзо и динамично време, социјалните мрежи ни овозможуваат брза и непречена комуникација.

Луѓето се тука за да ни потврдат дека нѐ виделе, но наместо да ни дојдат на гости, само ќе ни стават стикер во коментар.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Кога стана толку безобразно скапо да се излезе на „пијачка“ во Скопје? Јас сум од времето кога џин-тоник беше 60 денари, шише пиво се продаваше за 50, ...
„Мора да јадеш леб“ и уште 6 (застарени) навики со кои родителите нѐ излудуваат Постарите сѐ уште веруваат дека ќотекот е излезен од рајот, дека старите и дотра...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg