„Живеам во куфери во име на љубовта: Зарем јас девојче растено во Карпош имам дом во Бразил?“
Седам дома во Скопје, домот во кој пораснав, учев, творев, созревав, во мислите другиот дом, оној на другиот крај од светот, кој јас и тој заедно го создававме… Два дома, два континента, а една јас, со срце полно со љубов, и со чувство дека секогаш нешто ми недостасува.
Меѓу старото и новото
Во Македонија, меѓу своите, меѓу семејството и пријателите, меѓу секое познато катче и омилено место, познати ароми и вкусови, ми недостасува тој, мојот сопруг и најдобар пријател, мојата карпа и потпора и причина за гласно и непрекинато смеење… А, таму, во неговиот свет, ми недостасува Македонија и сè што во неа го знам, сакам… Сè што ми треба!
Го сакам Скопје, мојот роден град, неговиот стар шарм, а почнувам полека да се вљубувам и во неговото ново руво. Малите улички, Старата чаршија, таму, барем за мене, е душата на мојот град, ги сакам прошетките на кеј, мирисот на липите, секој агол од паркот, да талкам по тезгите на пазарче, да купувам цвеќе од тетката на Партизанска, наутро во недела во Соборна… Навистина го сакам моето Скопје!
Но, уживам да го создавам нашиот мал дом на другиот крај од светот, многу подалеку, многу поразлично, понекогаш чудно и нереално, зарем јас девојче растено во Карпош имам дом во Бразил?
Сакам да го откривам сето она што нашиот град ми го нуди, мирисот на пекарниците наутро, метежот во големиот трговски центар, „уткањето“ на автобуски станици, пазарите навечер, големите кригли со точено пиво какво има само кај нас, големиот парк со розови расцутени дрвја, старата железничка станица кое ми стана омилено место за фотографирање...
Го откривам новото, незаборавајќи го старото, Нови авантури, но носталгично ми недостасуваат моите рутини… Додека лежам на бразилска плажа се сеќавам на Охрид, додека сум во Трпејца мислам на Бузиос, преплетени мисли и чувства!
Живот во куфери
Живеам во куфери, меѓу две земји, два града, мојот и неговиот, уште ми е тешко да го речам нашиот… Можеби ќе ми треба уште малку време, се надевам дека ќе ми треба малку време!
Кога во Скопје мислам на сè што сакам да си земам за таму, за да ми биде подомашно, по мое, попознато … кога сум таму пак планирам што да донесам, што моите не пробале, што има таму, а тука не!
Велат бразилското кафе е најдобро, ама не, барем не за мене, ништо подобро од македонското, слатко, превриено… Па еве, спремам резерва да ја земам со мене, и едно мало ѓезве, бакарно!
Се навикнувам на овој живот, во куфери, малку ваму, малку таму… Убаво е кога сме заедно, ама не може секогаш, некогаш патните правила и трошоци се посилни од моите желби, ама како што тој вели, барем ти види се и помини си убаво дома, во Македонија!
Аеродроми, авиони, чекање, пасошки контроли и царина, летање со часови, многу долги часови, но вреди бидејќи знам дека секогаш ќе ја прегрнам личноста што најмногу ја сакам, некогаш е мама, некогаш е тој… А јас? Па, само јас си знам колку е тешко! А најтешки се разделбите, се пакувам со смеење и плачење, радосно што дома ќе си дојдам, тажна што другата дома ја оставам, среќна за семејство и пријателите од Македонија, а тажна за оние во Бразил… и така до недоглед, бескочен круг, а јас во средина!
Бројам денови
Се навикнав да бројам денови, уште колку додека да стигнам во Скопје, колку дена до летот за Сао Паоло, за колку дена ќе бидам дома. Токму тоа ми беше најтешко во пандемија, што немав денови, немав дата која со сè срце ќе ја очекувам, само вести за отворање и затворање на граници, нови прописи и правила.
До кога си тука? – го мразам ова прашање, затоа што знам дека доаѓа крајот, дека повторно ќе треба да се пакувам! Тоа се тие броени денови, брзо поминуваат, како да лета времето!
И додека уживам во моето Скопје, со семејството, евоцирање на споени со другарките, посета на омилените места, заборавам на животот во Бразил, ама ноќе, кога сама ќе легнам во стариот кревет, тогаш најмногу ми недостасува тој, нашиот дом, мачорите кои го заземаат поголемиот дел од креветот, бакнежот за добра ноќ.
Велат цело е кога има сè, ама јас очигледно никогаш нема да има сè на едно место, бидејќи избрав живот во куфери, ама ете имам се двојно, два дома, две лични карти, две адреси… ама имам едно срце поделено на два континенти!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело