„Мојата диплома собираше прав со години, а сопругот со чесна работа како хигиеничар нè хранеше – од работа срам нема“
Ќе речете се срамам од тоа што сопругот го работел. Не, од што да се срамам? Од тоа што мојата диплома служеше како украс, а сопругот со чистење стакла успеваше да нè прехрани? Од чесна работа и труд нема срам...
Ех, чудна работа сме ние луѓево... Навистина! Свекор ми знаеше да рече: „Свој леб јадат, туѓо гајле берат!“ Така и јас имав можност пред неколку месеци да го искусам тоа како е некој да ти го бере гајлето, па и да си слушнам разни муабети.
Нема понапорна работа од тоа да бараш работа, а уште кога ќе слушнеш муабети од страна дека не ти се работи, ти се „уарнило“ дома да си седиш, убаво ти било – е тоа е „шлаг на тортата“.
Од друга страна пак, имаше и такви коментари дека јас сум си била самата виновна, требало да барам некој што е побогат, подобро ситуиран...
Кога завршив факултет пред 15-тина години мислев дека ќе го променам светот со поезија, дека ќе пишувам и ќе го работам тоа што го сакам, но патот не беше толку рамен, напротив, морав да поминам долга и трновита патека.
Како дипломиран компаратист (книжевник за оние што не знаат) поминав сè и сешто: работев како асистент кај професорка за минималец, работев во кафе-книжарница (пак за минималец), успеав да влезам како новинар во една политичка редакција и на крај кога ми дојде преку глава - се откажав.
Останав дома и чекав да ме „спонзорира“ сопругот, кој во тоа време работеше како хигиеничар.
Иако претходно со години се обидувавме - деца немавме, но штом дадов отказ, веднаш останав бремена, родив дете, па пак останав бремена и родив уште едно дете...
Кога ќе видиш се собрале четири години како не работам. Сопругот во меѓувреме најде друга, подобра работа, но со повеќе обврски, а грижата за децата комплетно остана на мојот грб.
Но, да се разбереме, никој не сака да седи дома. Решив да се вратам на работа и тоа во време на светска пандемија. Додека некои се плашеа да излезат од дома, јас собрав храброст децата да ги оставам во градинка.
А, барањето работа, само по себе, многу напорно да ти било, особено кога немаш некој што ќе ти помогне преку врски, како што е случај со повеќето.
Следиш огласи секој ден. Праќаш на 20 места биографии, од кои од едно место можеби ќе ти се јават, а што ќе ти понудат – тоа е знак прашање. И така, поминаа уште 4 месеци додека да дојде денот конечно се најде нешто конкретно.
Чудна работа ти е ова со понудиве. Ги нема, ги нема, па доаѓаат две одеднаш – како автобуси.
Еден ден пред да дојдам на интервју, добив понуда да работам во бурекчилница во Скопје (не, нема да ја именувам) само ќе кажам дека за минималец бараа да работам во три смени, што за мене како мајка со две мали деца под 3 години, во ниту еден случај не беше прифатливо. Да имав свекрва да ги чува децата, можеби и ќе прифатев, ама вака не.
Истиот ден, добив и друга, подобра понуда.
Пресреќна да ги споделам вестите со некого ѝ се јавив на золвата. Натурализирана Американка, со свој бизнис и многу прошетана жена, очекувам дека ќе сфати што сакам да кажам, ама само што реков дека сум одбила на првото место, не ме ни дослуша, веднаш ме нападна:
„Што? Си одбила? Тебе не ти се работи! Годините ти се бројат, старееш... Доаѓаат помлади, повредни од тебе! Ти до кога мислиш дома да седиш? Се вадиш на децата... Ти не сакаш да работиш... Работа има колку сакаш. Ете, што мислиш ние овде не гледаме колку огласи имате по порталите!“
Така, јас засрамена, обезвреднета, следниот ден си дојдов на интервју и ја прифатив подобрата понуда за работа.
Ете таква е нашата приказна за жал. Половина успеале да избегаат во странство и некои од нив воопшто и не кажуваат што работат таму, ама битно е тоа што се таму.
Ви продаваат приказни дека се многу среќни, се јавуваат само за малку памет да „ви посолат“ и да ви кажат дека не ви се работи. Секако, чест на исклучоците што си остануваат искрени и не забораваат од каде дошле и како стасале дотаму...
Нам образованите што си останавме во земјава, како што велат „ни тежи факултетот“, па се бориме да најдеме колку се може подобро работно место... А, за мајките и да не говориме. Тоа ви е цела посебна тема, за посебна колумна...
И на крај остануваат секако оние што се жртвуваат за нас образованите и на кои што не им тежи факултетот па работат сè и сешто за да нè прехранат, а за жал тие се најмалку почитувани.
Само тие си знаат колку пати во денот биле понижени, засрамени, оцрнети, а зошто? Затоа што се обидуваат да обезбедат егзистенција за себеси и за семејството.
И да, кога ќе ме прашаат зошто не сум нашла некој подобар и подобро ситуиран, подготвена сум и да се расправам и да се карам.
Мојот сопруг за мене е мојот херој, без разлика што работел и што работи во моментов.
На крајот на краиштата, никогаш не ми било важно што работи – важно ми било тоа што е добар и вреден човек! И да, тоа што заедно сме посилни!
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com