„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку се надевав!“
Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за мене, по мој мерак. Некој што ме разбира, некој што ќе ме сака таква каква што сум, некој што нема да сака да ме промени, туку ќе направи самата да сакам да бидам подобра личност.
Како и секоја модерна жена задоена со холивудските филмови и романтичните книги и јас очекував дека мојот „принц на бел коњ“ ќе го сретнам навечер на излегување.
Таа вечер ќе носам прекрасен фустан, ќе бидам нашминкана, дотерана, кога ќе го погледнам во истиот миг ќе се препознаеме, како да сме се знаеле во некој претходен живот.
Очекував дека тоа ќе биде мигот што секогаш ќе го помнам.
Или пак дека можеби ќе го сретнам во книжарница, во театар, некаде каде веднаш ќе почнеме да разговараме за оние работи што ни се заеднички.
Очекував дека тој веднаш ќе ме шармира со неговото знаење од филозофијата, театарот, книгите…
Знаете, сега кога си мислам, среќа што не го запознав таму – замислете колку ќе ни беше здодевно… Цело време да разговараме само за книги!?
Сепак, сè уште го помнам мигот кога го запознав. Како да беше вчера, иако поминаа 12 години.
Бев уморна од работа: несредена, со стари фармерки, стара блуза што поминала милиони вртења во машина за перење, износени патики, „дотерана“ за кафе по дома кај другарка.
Не носев ништо особено, не бев нашминкана, не бев средена, не бев ниту расположена.
Напротив, бев многу тажна, несреќна и разочарана…
Не очекував дека и тој ќе биде таму, а уште помалку мислев дека тоа ќе биде човекот со кого набргу ќе одлучам да го продолжам животот. Го погледнав и иако на прв поглед ми беше симпатичен, воопшто не му обрнував внимание, затоа што мислев дека и тој ќе биде само уште еден од оние што сакаат добар помин за една ноќ и го одбив. Го оттурнав…
Навистина, тој од книги немаше поим. Не разбираше што работам. Театар сакаше, ама само ако станува збор за некоја добра комедија и тоа е.
На прв поглед мислев дека немаме ништо заедничко. Мислев дека сето тоа ќе биде осудено на пропаст. Дека за џабе ќе си го трошам времето. Но, еден состанок подоцна нештата се променија.
Знаете вистинската љубов можеби ја сфаќате тогаш кога немате поим зошто некого сакате.
Дали затоа што е убав? Затоа што ви оди по ќеф и ви угодува? Затоа што ви купува сè што ќе посакате? Тоа ли е љубов?
За мене љубов е тоа што знам дека секогаш ја имам мојата сродна душа за да се потпрам на неа. Не купува цвеќе, ама затоа знае да ми скрие чоколадо во чантата (да ми се најде за по пат). Не ме носи на скапи вечери, ама знае да биде тука за мене кога ми треба помош и поддршка.
Станува во 6 сабајле заедно со мене (иако почнува подоцна на работа) за да го испие првото кафе со мене. Не знае да се снајде сам во продавница, ама тука е кога треба да ги земе ќесите на излегување.
Не ми отвора врата од автомобилот, ама секогаш тој ја носи количката на децата.
И да, не ми е криво што нашето запознавање не беше такво како што отсекогаш сонував дека ќе биде.
Тој не знаеше многу за театар, филозофија, литература, но знаеше да каже само една реченица за да знам дека сум го нашла вистинскиот: „заедно сме посилни!“
Така 12 години заедно сме посилни во сè: и во лошо и во добро, во радост и во солзи, во здравје и во болест…
А тоа што сме различни, само значи дека се надополнуваме. Тој е силен за оние работи каде што јас сум слаба, јас сум храбра онаму каде што тој не сака ни да помисли да отиде.
По некое непишано правило вистинската љубов секогаш ќе ве изненади.
Никогаш нема да дојде онака како што сте ја очекувале!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело
Фото: depositphotos.com