Направи човек што е вљубен во работата, да си ја замрази - секоја чест, шеф за медал!
Тој беше еден од оние ретки луѓе кои имаат среќа да се вљубени во работата што ја работат.
Знаете оние кои емотивно се врзуваат за компанијата, кои го работат тоа што го сакаат и за сметка на тоа се продуктивни како ретко кој.
Работат со срце, во нив има жар, има страст и сѐ што ќе мине низ нивните раце се претвора во злато.
Со леснотија си ги завршуваат работните обврски и пронаоѓаат дури и креативни начини како обврските да бидат извршени на најдобар и најбрз можен начин.
Таков беше и тој сѐ додека нe се судри со претпоставен кој за кратко време успеа да сруши сѐ што тој градеше со години.
Со погрешен пристап, со притисоци, со дрски забелешки му ја уништи љубовта кон работата. Го претвори во еден од многуте работници кои го мразат понеделник, го мразат 8 часот, си ја мразат работата и оттаму изгледа и како да го мразат светот.
Човекот кој полетно одеше на работното место, сега одеше со подвиткан грб како на себе да носи товар тежок 10 тона. Очите му беа крвави, а душата уморна од тоа што му се наметнуваше да сработи нешто што не е реално да се сработи не во едно работно време, туку во две.
Некако типично за Македонија, тој умее? Епа удри по него, даj му ги сите можни работни обврски, исцрпи му ја енергијата, нека си ја мрази работата, нека го чека викендот како вода во пустина, нека му стане одбивност и компанијата и работата и работните обврски.
Наместо на овој човек вљубеник во работата да се гледа како на ретко цвеќе кое треба да добива специјален третман и да се полева со пофалби за сето добро сработено. Наместо на овој човек да му се даде креативна слобода за да ги рашири крилјата и да даде сѐ што носи во себе, не, ќе го заробиме, ќе го навредиме, ќе го исцедиме, па ако сака и нека си даде отказ.
Секој е заменлив, нели?
Да, заменлив е, но со колку луѓе на истата функција? Ако гордоста не играше клучна улога, ќе имаше јавно признание дека и тројца се премалку за да го заменат, затоа што такви работници ретко се раѓаат. Ретко некој во себе има и талент, но и дисциплина, ретко има став, но и е тимски играч, ретко некоја ја сака компанијата како да му е таткова.
Но, тоа е што е... Ова е Македонија, тука соништата лесно се уништуваат, а крилјата безмилосно се сечат.
Без разлика што на крајот од денот никој не е во ќар.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело