„Од Македонија се преселив во Бразил – што ми е најчудно од животот таму?“
Љубовта ме однесе во Бразил, а поради светската пандемија ја сменив мојата домашна адреса порано отколку што планирав, тотално неподготвена за животот во новата средина, многу, многу далеку од домот во кој пораснав со многу предизвици и изненадувања.
По повеќе од една година поминати во мал град во Сао Пауло полека, но сигурно се навикнав на животот таму, откажувајќи се од некои мои стари навики, создавајќи нови, истражувајќи нови вкусови, нови рутини и пред сè откривајќи се себеси на другиот крај од светот.
Веќе ви раскажав за работите кои мене ми беа несекојдневни во бразилската кујна, како црното силно кафе, оризот и гравот како основа во исхраната, многу кокоси и кондензирано млеко, а сега уште малку работи кои мене на почетокот ми беа чудни.
Професор по англиски без диплома
Она што дефинитвно ми беше најчудно е тоа што јас многу лесно најдов работа како професор по англиски јазик во приватно училиште, иако јас сум дипломиран новинар и самоук фотограф.
Во ек на пандемијата навистина ми беше здодевно дома, па со затворени фото-студија и туристички агенции каде што планирав да барам работа, пријателите ми предложија да аплицирам како професор по англиски јазик бидејќи навистина добро го владеам.
Во две недели имав три интервјуа и се одлучив да ја прифатам работата во едно од попознатите училишта. Нив не им беше важно што немам диплома за завршен факултет, туку доволно им беа моето искуство и познавање. Па, така добив работа и по многу вложен труд брзо се пронајдов.
И некои од моите колешки, Бразилки немаа завршено факултет, а работеа како професорки. Секако, тоа ми беше екстремно чудно бидејќи не верувам дека е возможно во Македонија да се има таа работна позиција без соодветно високо образование и диплома. На децата, а и на возрасните им беше интересен акцентот кога зборувам португалски, а уште поинтересно кога им раскажував за Македонија и им ги пишував нивните имиња на кирилица.
А да, ме викаа profesaora gringa, или професорка од странство. Иако планирам наскоро да се вратам на мојата бродска кариера, не ја исклучувам можноста да бидам професор по англиски јазик во Бразил во блиска иднина.
Теретани на отворено на секој чекор
Ако нешто има на секој чекор во Бразил тоа се теретаните и продавниците за миленици.
Во нашиот град, Индаиатуба, а и во сите градови во Сао Пауло локалната власт има вложено во бесплатни теретани на отворен простор. Долж паркот кој се протега низ целот град има теретани за секој километар, со различни реквизити и во добра форма. Исто така ми кажаа дека има и теретани кои се покриени и бесплатни, само треба да се зачлените со лична карта. Овие ги има по една во секое маало.
Секако, има феноменални теретани кои нудат комплетни програми со квалитетна опрема, како и часови по танцување, зумба и fit dance микс од аеробик со бразилски танцови, но со малку повисока членарина. Но, она што е чудно за мене се теретаните на отворено кои се во навистина добра состојба и локалното население ги користи секојдневно. Исто така се одржувале и часови по зумба и танцување во паркот тотално бесплатни.
Бразилците навистина се посветени на надворешниот изглед, што е нормално бидејќи повеќето од нив живеат на плажа, а и топлото време си бара само минимални парчиња облека.
Хамаци на секоја тераса и во секој двор
Бразилците обожаваат хамаци, може да се видат обесени на секој балкон и во двор, а што за мене беше супер несекојдневно, го заменуваат креветот со нив. Мајката на мојот сопруг дома има хамак наместо кревет, што иако за мене е чудно има своја логика. Таа живее на фарма во северот на Бразил каде е премногу топло и суво, со температура од 50 степени, па попријатно им е да спијат во мрежест хамак отколку на кревет. Според неа, хамакот бил подобар за грбот.
Иако за нас се симбол за пикник или плажа, за Бразилците хамаците се вистинска гордост, посебно оние кои се рачно направени. Јас не сум нивен голем љубител, но пријатни се за попладневна дремка.
Дотерани, средени, елегантни, а со апостолки
Исто како со хамаците, временските услови, да не речам пеколни горештини, си го прават своето, па така често може да се видат мажи и жени, убаво средени и дотерани, а со апостолки на нозете. Дури и децата на училиште, одат со униформа и апостолки, кои се пријатни и удобни.
Havaianas е најпозната марка на апостолки и нема Бразилец кој не поседува барем еден пар. Од најобични еднобојни и традиционалните со мало бразилско знаме до интересни дизајни со суперхероите на Марвел и јунаците од Дизни, а во моментов во мода се апосотолки со многу светки. Мене ми се омилени еспадрилите од овој бренд кои се лесни и едноставни, совршени за лето.
Моторите се главно превозно средство
Сообраќајот во Бразил е вистински кошмар, посебно во Рио де Жанеиро и Сао Пауло каде има по неколку милиони жители, па поради тоа со часови може да се заглави во метеж. Првиот пат кога го посетив Бразил во 2018 година за малку ќе го испуштев летот поради густ сообраќај иако рано тргнавме.
Во главниот град на Сао Пауло има правило според кое во зависност од бројот на регистарската табличка се знае кој ден смеете да го возите автомобилот за да се избегнат големи сообраќајни метежи. Оваа година плативме казна поради тоа.
Па, поради сето тоа моторите се прв избор на многумина. Има ленти само за мотори, побрзо се стига, а и поекономични се. А да, и моторите не плаќаат патарини, кои се од 100 до 200 денари во зависност од градот. Цените на моторите се доста високи.
Има уште низа работи кои понекогаш ме оставаат со отворена уста. Во ек на пандемијата интересно ми беше што многу продавници за миленичиња почнаа со „мобилна верзија“, па доаѓаа до дома за да ги искапат и вакцинираат нашите мали, влакнести пријателчиња. Во нашиот град е бесплатна вакцинацијата и кастрацијата на мачиња и кучиња, само што малку подолго се чека.
Чудно ми е и тоа што место огради имаат огромни ѕидови и големи железни порти, а често и електрична ограда, а тоа, како што ми објаснија, е поради безбедност, бидејќи има многу кражби. Па, јас навикната да си ги поздравувам соседите и да си „крадам“ по некој цвет од нивните дворови во Скопје, во Бразил гледам само ѕидови и воопшто не ги познавам соседите околу нас.
Често тие ѕидови се украсени со одлични графити. Но, сè во животот е навика и учење, нови авантури и предизвици, па верувам дека со времето овие работи ќе ми бидат нормални.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело