„Им треба година да те поканат на состанок, па дури и тогаш се однесуваат ужасно и незрело“ – исповеди од сингл девојките во Скопје
Ако бидеме искрени, пандемијата беше (и сè уште е) погубна за сечие ментално здравје. Но, особено тешко им падна на сингл луѓето. Оние што беа во врски, бракови, со дечиња, секако се соочија со многубројни предизвици. Но, имаа со кого да ги споделат дури и најлошите моменти.
Да си сам е тешко, а особено тешко за време на пандемија. Да, пандемијата најтешко им падна на сингл луѓето. Стануваш сам, легнуваш сам, работа-дома, а најчесто работата е и од дома.
Што значи дека не излегуваш речиси никаде, не се дружиш со никого, шансите да запознаеш некој нов се минимални, т.е. непостоечки. Се вртиш во тој магичен круг, во лавиринт како минотаурот, осамен, тажен, сам. И таа самотија влијае погубно врз менталното, физичкото, интимното здравје.
Но, дали беше толку поразлично и пред пандемијата? Сингл луѓето ќе ви кажат – па и не толку многу. Имаше повеќе излегувања и повеќе запознавања со нови луѓе. Но, бројот на состаноци пред и за време на пандемијата остана речиси ист. Нула. Или едноцифрен број помал од 5.
Што е секако многу тажно. На мажите им треба половина година да те поканат на состанок. Дотогаш или нема да ги препознаат или ќе ги игнорираат сите „суптилни“ знаци кои им ги испраќа девојката.
Кога по неколкумесечно допишување на сите можни друштвени мрежи – Фејсбук, Инстаграм и Твитер на девојката ќе ѝ „прекисне“ и отворено ќе го праша – планираш ли да излеземе некогаш на кафе?, машкото одеднаш се повлекува, целиот збунет и уплашен од нејзината храброст и директност. Па каква девојка е тоа, да моли за состанок? Што кажува тоа за неа? Ааа, не, не ми треба таква. Планирам вечно да си хибернирам во детската соба под покривот на мама и тато.
Денешните мажи (секако не сите) се незрели, неодлучни, Петар Пановци што одбиваат да пораснат и да преземат одговорност за сопствениот живот. Оваа група ќе ја препознаете по фалбите – многу се јаки, за сè ги бидува, само никако да си ја најдат совршената жена излеана во нивната имагинација. Никоја не може да ги достигне тие високо поставени стандарди.
Ќе ги препознаете и по жалбите – сите жени се исти (кога ли излегоа со сите на состанок?), животот е тежок и суров, никој не ги сфаќа, другите само ги напнуваат… плачковци кои бегаат од секаков тип на обврска, затоа што немаат идеја што би правеле на состанок, во една врска, во каков било партнерски однос или брак.
Ваквите не умеат да се грижат сами за себе, вие очекувате да се погрижат за вас, домот или за децата во иднина?
На оваа група мажи некој успеал да им всади во главата дека се најдобри, најпаметни, уникатни, дека го имаат целото време на светот, дека деца се прават и на 50, па и на 60 години, зашто друго е да си ерген на која било возраст, ти си маж и автоматски си „на цена“, бидејќи мажите се во дефицит, а жената после одредена возраст веднаш го добива етикетот „стара мома“.
Таа нека му ја мисли, јас сум семоќниот маж, кој може да се однесува ужасно, себично, незрело затоа што ми се може – секако мене ме молат да излеземе на состаноци.
Никој не ве моли ништо. Време е да се симнете од облаците по коишто чекорите. Не сте специјални, не сте уникатни. Начинот на кој се однесувате со другите кажува многу за вас. А кармата е секогаш тука да ви врати. Среќно.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело