Мамо, ми фалиш секогаш, но најмногу кога сум најсреќна и најтажна
Кога сѐ ми оди од рака, кога соништата ми се исполнуваат, кога сум горда на постигнатото, тогаш сакам да ти кажам „Види ме, горда ли си на мене?“
Мамо, ми фалиш постојано, но времето ме натера да научам да функционирам без дел од себе, без тебе.
Сепак, постојат мигови кога фалиш повеќе од кога било, а тоа е кога сум најсреќна и најтажна.
Кога сѐ ми оди од рака, кога соништата ми се исполнуваат, кога сум горда на постигнатото, тогаш сакам да ти кажам „Види ме, горда ли си на мене?“
Кога ќе искачам планини, кога ќе го достигнам невозможното, кога ќе успеам таму каде што другите потфрлаат, сакам да ти кажам „Ти се верува ли што направив?“
Кога сакам да скокам од среќа, тогаш сакам да те прегрнам и да ја споделиме радоста, да ти бидам причина за насмевка, да помислам како со утринско кафе им се фалиш на сосетките за успехот на твојата ќерка.
Сакам да можам да те радувам, да ти бидам најдобрата ќерка, во себе тивко да се насмевнуваш и да си речеш вредеше што жртвував милион работи за неа.
Да бидеш среќна поради тоа што ме направи личност каква што посакуваше да бидам и јас да бидам твојот доказ дека во улогата на мајка беше и повеќе од успешна.
И ми фалиш најмногу и кога сум тажна...
Тогаш кога животот ме предизвикува, кога ми фрла на рамениците товар претежок за сама да го понесам, кога не можам да заспијам затоа што не знам што со себе утре, ете тогаш ми фалиш.
Ми фалиш да ме погалиш по косата, да ми кажеш дека сѐ ќе биде добро, да ми кажеш дека животот ме предизвикува за да ме направи посилна и за повеќе да го ценам.
Да ми речеш дека нема потреба од солзи, но е добро да протечат за душата да се испразни.
Да ми кажеш дека си тука за мене и дека ќе го поделиме мојот товар на две, па полесен ќе ми биде.
Да ми даваш совети, дури и кога не сакам, да ме тешиш дури и кога велам дека не треба, да ме гушкаш дури и кога коментирам дека сум голема за тоа.
Ми фалиш за да ми бидеш и сила и ветер во грб и инспирација за да истраам.
Но, тоа е што е, животот е таков... А јас ќе се задоволам со тоа што некогаш физички беше присутна во мојот живот, а засекогаш ќе бидеш присутна емоционално затоа што во душата те носам, отсега до вечноста.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело