Сите пари ги јадете, пиете и само спиете – дремете со саати на Инстаграм, тоа ли е живот?
„Сите пари ги јадете, пиете и само спиете. Аман, одмори ги прстите од телефонот, ќе ти го фрлам. Немате никаква заштеда за црни денови. На твои години имав веќе 3 деца, ти си се залепила со тоа куче, нели ти е срам? Кога ќе се жениш? Ќе си останеш ерген на стари години, бери памет. Ќе си умреш стара мома со мачката. Уште отсега ли гледаш каде на одмор? Зошто купуваш толку скап кашкавал? Зошто ти е уште една нова ташна? Тоа ли е живот?“
Да, и тоа е живот. Верувале или не, не сме сите од еден ист калап и немаме една иста дефиниција за тоа што некого го прави среќен во животот.
Ако и вие сте жртва на сите овие поплаки и „поуки“ од другите околу вас, моето искрено сочувство.
Зошто моето ниедно или нечии три деца се за смешка или осуда? Некој сака големо семејство. Некој смета дека подобро му е сам/а или со партнерот.
Некој успеал да заврши факултет, некој не. Некој е со два доктората, друг со основно. Ни едното ни другото не се предуслов за среќа или успех во животот.
Тој е тркало, денес си горе, утре долу. Но, сè додека си човек и ги правиш работите што те прават среќен, ти си и повеќе од успешен.
И што дека немаш ниту една бела пара за црни денови? Заштедите, како по некое непишано правило, на крајот одат за поправка на нешто, за лекови, за нешто неубаво, немило.
Парите што толку долго си ги стискал на крајот стануваат изворот на твојата несреќа. Па купи си го тоа нешто што сметаш дека ќе ти направи задоволство и среќа.
И искористи ја првата прилика да отпатуваш онаму каде што сонуваш да бидеш. И скролај и 3 саати на Инстаграм ако тоа ти го одмори мозокот после долгиот, напорен ден.
Не должиш објаснувања никому. Не треба да се извинуваш на никого. Секогаш ќе има некој што ќе те обожава и некој што ќе те мрази.
Секогаш ќе има луѓе што ќе ти го солат паметот и ќе ти објаснуваат како е лошо да си сам, како е лошо да си во долга врска, како е лошо да си толку долго неженет или немажена или колку е лошо да си во брак.
Па зошто немаш деца? Па зошто имаш само едно? Па зошто имаш две машки или две девојчиња, нели ќе беше подобро да имаш по едно од двете? Па зошто, зошто…
Па затоа. Затоа што животот си е мој и јас си ја испишувам среќата.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело