„Аман со тие слики во телефон, дај ми слика да ја фатам во рацете“ – баба ми и нејзиниот фото-албум полн спомени
Баба ми многу сакаше албуми со слики. Сакаше да си ги купува, да си ги подредува, да си запишува текст под нив или на задната страна од секоја фотка. „Одмор, Јадран, Лето 1975“.
Мене ова отсекогаш ми беше многу симпатично и интересно. „Еј бабо, види ја оваа слика“, ќе ѝ покажев нешто на телефонот. „Аман со тие слики на телефон. Донеси ми убава, нормална слика, да ја фатам во раце“.
Беше една од ретките што си носеше фотографии на развивање во фото студио и си полнеше албумчиња. Спомени, имаше обичај да каже. На крајот ќе ти останат само спомените и убавите фотографии.
„Тетовска работа“, имаше обичај да каже татко ми. Гостите уште неседнати, тие ти вадат албум со слики. Но, кога добро ќе размислиш, зарем постои поубав времеплов од албумите со стари фотографии?
„Еве нè тука, со дедо ти. Види ме невеста. Убава сум, нели? Ама и дедо ти е убав. Леле, колку бевме сиромаси. Не знам со кој памет дојдовме да живееме во град, без скршен денар. Двајца од село. Па си ја започнавме куќата, полека, скромно. Јас имав најмногу школо од сите, дури осмо одделение. Па се вработив во банка. Не, не работев нешто битно на почетокот, варев кафе. Ама подоцна ме унапредија, видоа колку сум бистра. Ејјјј, со обична осмолетка. А денес деца со 2 факултети не може да се вработат. Проклета држава“.
„Тука сме во Венеција. Со нашиот црвен пасош секаде си одевме. Ех Тито, каде си да нè видиш сега? Овој сервис го донесов од Венеција, уште ми е во креденецот. 12 часа го држев спакуван во рацете, секоја чашка во весник посебно, да не ми се скрши, како некое бебе. Баба ќе ти ми го остави на тебе“.
„Види, тука сме сликани со новата врата за куќата. Си ја купив со К-15. Колку ѝ се радував. Нова врата, претходната беше една никаква, скапана, се клатеше и многу чкрипеше. Си остана вратата во Тетово, еее… времиња.“
„Тука златото на баба матурантка. Многу беше убава“. Баба ми стандардно има слики што речиси никој ги нема. И ова беше нејзиното омилено хоби.
Си ги прередува, си ги подредува и си евоцира спомени. На многумина им беше досадна. Мене ми беше интересна. Секогаш некоја нова приказна што не си ја слушнал. Или некоја стара, раскажана неколкупати, но одново и одново што ја прави уште поинтересна и посмешна.
Ретко гледам албуми денес. Навистина, сите слики се во телефонот, на хард-диск … лебдат некаде во виртуелниот свет. Од сите работи што останаа во домот на баба ми и дедо ми после нивната смрт, речиси инстантно, најбитното нешто што сакав да го имам беше големиот албум.
Баба ми девојка. Баба ми невеста. Баба ми на работа. Со новата врата пред куќата. На свадбата кај моите родители. Баба ми ме држи мене бебе. Јас и баба покрај елката, отвораме подароци. Сите мои родендени. Јас матурантка и баба ми до мене. Баба ми на мојата свадба. Цел еден живот низ фотографии.
И навистина, на крајот од животот остануваат само спомените и убавите фотки. Нели?
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело