Лесно ти е тебе без деца, дома ти е чисто, шеташ и само трошиш пари - ќе те видам кога ќе родиш

Изреки еден куп, ама кој да ги почитува... Секој сака да го бутне носот во туѓиот живот, не за да му рече браво си успеал или супер си, продолжи така, тука да најде некоја дамка, некоја грешка... Да ја најде најмалата ситница само колку да успее да те прегази и омаловажи, ама тоа од љубов, оти тие, тие знаат најдобро...

lesno-ti-e-tebe-bez-deca-doma-ti-e-chisto-shetash-i-samo-troshish-pari-kje-te-vidam-koga-kje-rodish-4.jpg

Твој живот, твои правила / Твој си е животот, прави што сакаш / Нека не ти е гајле што мисат другите....

Изреки еден куп, ама кој да ги почитува... Секој сака да го бутне носот во туѓиот живот, не за да му рече браво си успеал или супер си, продолжи така, тука да најде некоја дамка, некоја грешка... Да ја најде најмалата ситница само колку да успее да те прегази и омаловажи, ама тоа од љубов, оти тие, тие знаат најдобро...

Ако си нашол добра работа - Абе со врски е, знаеш ти чиј/чија внук/а е...

Ако си завршил факултет - Абе лесен е тој факултет, башка го влече седум години...

Ако имаш добра врска - Ќе раскинат, ова нема да им трае...

Си стапил во брак - Сигурно е трудна, зашто би ја земал?

Постдипломски или докторски студии - Абе што ќе ти е диплома, направи си свадба...

Патуваш и уживаш - Има кој да ѝ плаќа... за сè ќе се успее да се најде маана.

Во последно време фактот што имам 32 години, мажена сум и НЕМАМ деца како е да најголемото зло...

Секој сака да си даде свој НЕПОТРЕБЕН совет, своја НЕВКУСНА забелешка, причина БЕЗ причина, а особено оние кои веќе се родители, е тие се најискусните, најекспертите и тие имаат право да ти кажат сè, буквално сè. Секоја чест на исклучоци.

Само да споделам, во брак сме скоро две години, од кои една во пандемија, интернационален брак и работиме на брод - двајцата вљубени во патувањата со идеи за инвестирање во иднина, сакаме журки и „малку“ зависни од технологија и гаџети.

Ајде, време Ви е!

Мислам дека цревата ми се превртуваат кога ќе го слушнам ова, време ви е, се земавте што чекате!

Не, воопшто не ми е време, среќна тетка сум во моментов...Сакаме уште малку да прошетаме, Куба и Тајланд одамна ми се на листа, имаме некои идеи за свој бизнис во иднина, а плус и време е релативна работа.

Се гледам во огледало, нема никаде часовник кој откуцува и вели дека е време...

Биолошки чассовник, па океј , верувам во тоа, ама изгледа мојов како за застанал...Сè во свое време, моето, нашето, уште не дошло.

Имате куќа, што чекате

Имате куќа, што чекате! Брак, куќа, деца – тоа е рецептот за успешен и среќен живот...

Да, имаме куќа, ама двособна е со голем шанк и многу шишиња алкохол, посебно сега во карантинов, а главна занимација ни е ПС 4... Малку сме без тој родителски инстинкт.

Само да напоменам, често се грижиме за нашите внуци и тие обожаваат да доаѓаат на поседок, велат дека ги размазуваме... па затоа се тетка и тетин, нели?

lesno-ti-e-tebe-bez-deca-doma-ti-e-chisto-shetash-i-samo-troshish-pari-kje-te-vidam-koga-kje-rodish-02.jpg

Чисто ти е дома, ќе те видам кога ќе имаш деца

Оваа ми е од золвата, сестра на сопругот, мајка на две деца и самопрогласена феминистка која само затоа што заработува повеќе од сопругот, верува дека тој треба дома да чисти и готви.

Мене тоа сосем ми е во ред, секој си организира дома, јас мрзам да фрлам ѓубре, па овој мојов е задолжен за тоа. Арно ама, золвава, често потенцира како тој нејзиниот треба да чисти дома затоа што неговата плата е значително помала. Но, да се вратиме кај немањето деца.

lesno-ti-e-tebe-bez-deca-doma-ti-e-chisto-shetash-i-samo-troshish-pari-kje-te-vidam-koga-kje-rodish-03.jpg

Сакам да ми биде чисто и уредено дома, со парите од еден бродски договор успеавме да ја реновираме куќата во наш стил и сме прилично горди на тоа.

Имам многу полици со ситници, сувенири и декорации претежно од нашите патување и посети со бродовите, па дома ни е весело и шарено, но секогаш сè е под конец и без прашина.

Поради тоа често золвава знае, онака, низ смеа да ми пререче, ќе те видам кога ќе имаш деца, беливе прекривачи ќе ти бидат цели со дамки од храна и сок, украсите искршени и подобро тргни ја масичкава со стакло од дневна. Јас со моиве дома ништо не можам да фатам...

Не знам дали е тоа е вистина, ама имам другарки и братучетки кои имаат деца и нивните домови се секогаш средени и ништо не им е искршено.

Очигледно, е до мајката, а не до децата. Ама ете, јас ништо не знам, немам деца, како би знаела?

Шетајте, шетајте... ќе ве видам со деца кога ќе бидете

Исто како со уредениот дом, очигледно кога си родител не можеш да патуваш?

Често патуваме, ако не повеќе барем на краток викенд. И двајцата сакаме да запознаеме нови места и култури, не мора да е далеку, не мора да е луксузно, но важно е да е дестинација која до сега не сме ја запознале...а такви се милион.

Секако, самото работење на брод е патување, па уживаме во откривање на нови локации додека нашиот пловен дом е закотвен.

Арно ама, често, многу често ни велат дека нашите авантури ќе престанат кога ќе бидеме родители. Со деца не се шета?!

lesno-ti-e-tebe-bez-deca-doma-ti-e-chisto-shetash-i-samo-troshish-pari-kje-te-vidam-koga-kje-rodish-4.jpg

Грешка, можеби не се шета по бучни барови и журки и карневали, не се талка ноќе по улици во непознат град, но сепак се патува.

Посебно на брод, гледам многу фамилии кои одлично се забавуваат, постојат хотели со одлични катчиња за деца, а во секој град на море има плажи со журки, но и плажи со реквизити за деца, песок за градење замоци и плитка вода...

Tака да, не, децата не ви се проблем што не патувате, а јас сигурно ќе се вратам во Дизниленд кога ќе имам дете и заедно ќе се сликаме со сите принцези и херои, ќе го научам да плива и да ги одбира најубавите магнети за нашата колекција.

Да немав деца, и јас ќе работев на брод

Уште една од серијата омилени НЕПОТРЕБНИ забелешки... Посебно од оние кои рано запловиле во брачните води и уште делат дом со своите родители (без осудување, но и тие не треба нас да ни судат...).

Оние кои добро ме познаваат знаат дека уживам на брод и го сакам мојот морнарски живот, патувањата, професијата и секако заработката во долари, па кога раскажувам за моето бродско искуство сум прилично емотивна и секогаш имам пофални зборови, па така често знаат да ми кажат, Абе да немав деца и јас ќе работев на брод, знаеш тешко е да ги оставам децава сами.

Верувам дека е претешко да се биде родител на далечина, но имам запознаено многу родители, кои за да им овозможат финансиска стабилност на своите деца работат на брод. Но, секој со своите избори во животот нели? Затоа и немам деца сега, планирам уште неколку бродски тури и малку подебела сметка во банка...

Купувај си сега парталчиња, зошто нема да можеш кога ќе купуваш пелени

Оваа е од баба ми, која едвај чека да биде прабаба... Бабо, ќе си почекаш уште малце.

Кој не сака шопинг и маички и сакоа на попуст, а и тешко е да одолее на добри патики или сандалчиња? Кога ќе си купам нешто сакам да им се пофалам на мајка ми и баба ми, а таа секогаш подготвена да ме прекори Не купувај парталчиња, време ти е да купуваш пелени. Директна индиректна бабичке!

Значи, безвременски совет до сите девојки и жени без деца од баба ми, купувајте си сега облека, бидејќи кога ќе имате деца веќе нема да имате ништо за себе...

lesno-ti-e-tebe-bez-deca-doma-ti-e-chisto-shetash-i-samo-troshish-pari-kje-te-vidam-koga-kje-rodish-05 (1).jpg

Ова важи и за сите наши гаџети, во стилот, твојот апарат чини колку количка и креветче за бебе или сопругот треба да чува пари за пелени место да купува нови игрици.

И само да додадам дека сакам да бидам мајка, да имам деца, барем една ќерка, но уште не е дојдено моето време.

Обожавам деца и планирам да имам свое студио за детска фотографија, убаво, шарено и многу весело каде моите модели слатко ќе ми се насменуваат...

Сакам да има некој што ќе ми вика мамо, но кога тоа ќе се случи ќе биде наша одлука, не зошто сме земени или имаме куќа како што социјалните стандарди наредуваат, ако воопшто и постојат.

А најискрено во ова лудо време на пандемија со извретена реалност без никаква здравствена сигурност ми е страв да се впуштам во мајчинските води и им се восхитувам на сите нови мајки кои имаат уште еден предзвик плус во животот.

За мене сите мајки се борци, особно мојата и се надевам дека еден ден ќе успеам да чекорам во нејзините чевли.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg