Проблемот е што родителите нè одгледаа и воспитаа за свет којшто повеќе не постои

Roditeli-ne-vospitaa-za-svet-kojsto-povekje-ne-postoi-01.jpg

„Седи мирно. Не зборувај додека јадеш. Подели го тоа што го имаш со другарчето. Не им завидувај на другите, ти потруди се најдобро што можеш. Радувај се за другите.

Немој да ’кодошиш‘. Решете ги кавгите на улица помеѓу себе, мене тоа не ме интересира. Намести си го креветот. Внимавај на облеката. Внимавај на играчките и книгите. Научи да вариш кафе. Научи да спржиш јајца.

Научи да готвиш барем 3 прости јадења. Нема срам од чесна работа. Гледај го човекот во очи додека ти зборува и сослушај го внимателно. Однесувај се со почит кон постарите.

Секогаш отпоздрави ги со добро утро или добар ден. Кажи молам. Кажи повели. Кажи благодарам. Стрпи се, ене го први до плата. Почекај, ќе биде.

Верувај во себе. Добрината и чесноста секогаш се исплаќаат на крајот. Помогни секаде и секому каде што можеш. Парите не се најбитни. Гледај си го здравјето дете.

Роднините не се бираат, само пријателите. Биди среќен што имаш покрив над главата и што си здрав, другото се решава. Мирната совест е најмеката перница…“

Сите овие лекции се прекрасни и очигледно сосема неапликативни за светот во којшто живееме денес. Проблемот е што родителите нè одгледаа и воспитаа за свет којшто повеќе не постои.

Мојата пријателка има 6-годишна ќеркичка која е по малку бесна и разгалена. Тоа денес се преведува како љубопитна, со авантуристички, нескротлив дух. И нејзиното девојче не отпоздравува ама баш никого во влезот, во лифтот, пред зградата.

На културното „добро утро“ од сосетката која е 60 години постара од неа, девојчето го врти грбот и молчи. Не е дека е срамежлива.

Едноставно одбива да возврати со добро утро. Затоа што не ѝ биле симпатични другите луѓе. И нејзината мајка ја оправдува.

Доколку малечката правела нешто сосила, ќе се истрауматизирала до крајот на животот.

И мене сите соседи не ми беа симпатични. Некои дури и крајно ме нервираа. Ама мојата мајка МИ НАРЕДИ (да, ми нареди) да ги поздравувам културно сите. И го правев тоа.

И да ви кажам искрено, не сум нешто посебно истрауматизирана. Знаете зошто? Затоа што тоа се покажа како одличен „тренинг“ за сè што следува во животот понатаму.

И шефот не ми е крајно симпатичен денес, па не му вртам грб додека ми зборува и не молчам како мало дете.

Се справувам, затоа што тоа е поентата во животот. Не е сè лесно и не е сè мед и млеко. Ќе има луѓе кои нема да ви се допаднат и ќе ви одат на нерви.

И тешки, стресни ситуации од кои нема да може да побегнете и да се пикнете зад фустанот на мама. Ама вие треба да ги решите.

А тоа ќе го направите ако некој ве воспитал да останете силни, присебни, културни и непоколебливи. А не плачковци што се трауматизираат ако кажат едно најобично „добро утро“.

Се чини дека сите лекции од нашите родители се смешни и погрешни за денешниот свет во кој живееме. Никој не може да седи мирно.

Се зборува, се вика практично додека се јаде и се џвака гласно со отворена уста. Никој нема намера да подели ништо со никого.

Сите сакаат да зграбат што е можно повеќе за себе. Никој не се радува за другиот. Секој гледа некого да намести и да го накодоши.

Кавгите се решаваат со медијатори, родителите изигруваат дрвени адвокати, кој од кој поарогантен и понадмоќен додека извикува „моето дете, моето дете, МОЕТО ДЕТЕ не би го направило никогаш тоа!“

Зошто да го местиш креветот, пак ќе си легнеш вечер во него. Зошо да внимаваш на облеката, зарем нема да ти купат нова ако ја искинеш? Или на играчките и книгите?

Играчки имаш еден тон и воопшто не ти се интересни, а книги речиси и да немаш, затоа што која будала сè уште чита денес? Имаш Тик-ток, Инстаграм, YouTube, ти потребале книги.

Е како да не, ќе готвам, ќе мирисам на кромиди и запршки. Е како да не, ќе работам како мизерен _______ (внеси ја секоја професија која не е програмер денес).

Никој никого не го гледа соговорникот во очи додека му зборува, ниту пак умееме да се сослушаме помеѓу себе.

Секој се брза да раскаже што поскоро сè само за себеси, за својот живот и проблеми. Се нема почит за постари, е аман од тие досадни фосили. Нема добар ден за вас, не сте симпатични.

Нема молам. Нема повели. Нема благодарам. Добриот и чесниот е најголемиот будала денес. Никој не може да се стрпи, сакаме сè, сакаме веднаш!!!

Помош ќе начекаш ретко. Може да паднеш на улица и никој да не се обиде да ти помогне со часови. Парите се најбитни! Без нив си никој и ништо. Тие го купуваат и здравјето.

Не бираш ниту роднини, ниту пријатели, доволен си сам на себеси, како вистински нарцисоиден егоцентрик.

Светот се врти околу тебе. Имаш покрив над главата, ама посакуваш поголем. Здрав си, ама не е „тоа тоа“, здравјето без пари бесмислено, парола со која се тешат само сиромашните.

Не те интересира совеста, тоа е а губитници и слабаци. Спиеш на најскапата перница, ама сонот никако да дојде, а вратот ти е постојано вкочанет наутро.

Имаш речиси сè и пак ти е малку. Имаш сè – и пак си несреќен и сам.

Драги родители, ви благодариме на убавите лекции. И ви се извинуваме што светот стана едно тажно место каде што очигледно важат други правила.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело / фото: pixabay.com

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Стефан Лазаров за CRNOBELO лексикон: „Ми ja дупнаа главата со стап како дете“ Се сеќавате ли на лексиконите што ги пополнувавме во училиште, но криевме кој ни...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Жено, твоето премалку за некого е премногу – цени си го животот! Ти не си свесна, но имаш сè. Имаш човек што те љуби. Имаш луѓе кои за тебе би го...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg