„Скопје, радост ти ќе бидеш“ - 55 години од катастрофалниот земјотрес
„Која година си роден?“ – „Ааа, јас со земјотресот сум генерација“.
Така некако, полутажно, полушеговито одговараше чичко ми на прашањето околу годините. Немаше потреба да ја кажува годината на глас. Сите знаеја за која година станува збор.
1963-тата, за кој злокобен датум, 26 јули, и точното време до минутка, 5 часот и 17 минути наутро.
Оние кои го преживеале земјотресот прикажуваат дека во врелото јулско утро јата птици го покриле небото, а животните почнале немирно да вреват, нервозно и без престан.
И одеднаш настапил силен заглушувачки татнеж. Земјата почнала да се тресе и се чинело дека нема да сопре никогаш.
Земјотрес од катастрофални размери со 9 степени според Меркалиевата скала и магнитуда од 6,1 степени го разурнал главниот град на Македонија, оставајќи 1070 загинати лица зад себе и над 4000 повредени.
Оставајќи пустош, немоќ и тага, над 200 000 лица останале без покрив над своите глави. Над 15 000 станови биле урнисани, над 28 000 домови оштетени.
Но, она што не го изгубиле луѓето било волјата за повторна изградба на убавото Скопје. Градот со меѓународна помош, спасувачки екипи и донации се издигнал како феникс од пепелта.
Од тогаш Скопје го носи предзнакот „град на солидарноста“. Старата железничка станица во центарот на градот која денес е Музеј на Град Скопје претставува еден од главните потсетници на траорниот земјотрес, а стрелките на часовникот се засекогаш „замрзнати“ на бројките токму кога земјотресот започнал.
Што би било Скопје доколку не се случел земјотресот? А што стана со Скопје по земјотресот? „Градот убав, пак ќе никне“, како што вели песничката. Многу од улиците и објектите носат имиња во чест на помошта којашто била укажана по земјотресот.
Денес се движите по Варшавска, Атинска, Париска, Прашка улица. Постарите генерации сè уште го употребуваат изразот „Румунска болница“. Еден од монтажните објекти кој стана симбол на урбаната култура во Скопје и Македонија е токму Универзалната сала, исто така кренат со странска помош и донации.
И сите тие се потсетници дека кога ти е најтешко, сонцето повторно мора да изгрее. Тоа изгреало за Скопје во облик на пријателски понудена рака за помош.
Пристигнало во облик на храна и чиста вода, доброволци и волонтери кои дошле да им помогнат на погодените од земјотресот и да го издигнат убавото Скопје како некогаш.
Сонцето пристигнало како надеж и потсетник дека сè додека има човечност и луѓе, сè ќе биде во ред.
Да не го заборавиме тоа никогаш Скопје. Да не заборавиме какво е чувството кога ти е најтешко…
(О)Милена | Црнобело