Истуреното кафе на белата кошула ми докажа само едно - Одамна сум заборавил да уживам
Понекогаш посакував примената на она теоретското, да биде толку лесна како што изгледа на хартија. Да бидам искрен, практичното и теоретското никогаш си немаа апсолутна врска едно со друго. Ама баш никогаш. Барем од она што јас го знаев на сопствена кожа.
Тука беше и проблемот во животот, после толку години живеење, сфатив дека всушност она што нас ни се случуваше се должеше токму на таа дисфункционална врска помеѓу теоријата и праксата. Сите секогаш ни кажуваа, направи вака, направи така, немој да правиш она, немој да правиш ова.
Ние сите среќни и весели, да не кажам наивни, теоретски потковани, со мисла дека сме спремни за животот, ќе излезевме на терен, ќе се судревме со праксата и оп, катастрофа! Најчесто паѓавме онаму каде што не сме ни помислиле. Во местата каде што сме сметале дека ќе бидеме најјаки, ние бевме најслаби.
Кој беше крив за тоа, нашата преголема самодоверба или оној што не ни кажа дека пишаното или кажаното, баш и не одат така во реалноста.
Тоа некако му доаѓаше како луѓето да ти даваат топка, а од тебе се бара да ја пикнеш таа топка во нешто што има форма на коцка. Некако можеби ќе успееш, но колку и да негираш, во себе знаеш дека нешто е погрешно. Зафркната беше реалноста, морам да признаам.
Лузна за лузна, солза по солза, доаѓаше и праксата, колку и да не ја сакавме. Ќе нè изреметеше, ќе го истргаше секое невино чувство и ќе не исчеличеше, учејќи нè дека не постои розов свет. Тука се прашувам како тоа да не беше доволно, па си бевме потребни сами на себеси, да премислуваме ситуации сè додека не нè заболи главата? Зошто бевме такви фрикови?
Зошто јас бев таков фрик?
Не знам дали ме разбирате, но во себе имав константно чувство дека морам да ја имам секоја ситница под контрола. Секоја минута, секој час, секојдневно, 365 денови во годината и морам да признаам секојдневно живеев со главоболките кои сам си ги создавав. Правила кои ги наметнував, притисоци со кои ја притискав мојата душа сè додека не и дојде преку нос. Разговори кои ги премотував, луѓе кои ги преиспитував, чекори гои ги преповторував во главата.
Траеше тоа, долго траеше, сè додека еден ден додека го пиев на брзина утринското кафе, за да не задоцнам на работа, не се испотурив на новата бела кошула. Испцув стотина пати. Знаев дека ќе доцнам.
Но, влегов под тушот, пуштив жешка вода и не мислев. Не мислев на луѓето, не мислев на работата, не мислев на секој прекршок, на се она што ме чека. На сите ситници кои денес треба да ги испланирам, за да биде како што треба. Едноставно го пуштив мозокот на пасење. Повторувам НЕ МИСЛЕВ!
Кога излегов, на мојот часовник покажуваше дека доцнам еден час. Не ми беше грижа. За прв пат во животот изгубив контрола и тоа над еден обичен мал филџан кој можеби ја дотера кошулата за хемиско, но мене ми го дотера паметот.
Немаше причина да контролирам сѐ. Затоа што и не можев да контролирам сѐ, а од друга страна па која е убавината на животот ако премислуваш што да биде, како да биде, или што било и како било, а како можело да биде. Дали воопшто живееш?
Јас се фатив себеси како не живеам. Тоа беше најголемото злосторство кое можев да си го направам. После сè, да не живеам. Тогаш сфатив колку само треба да уживам.
Си го земав потребното време, за себеси, за обврските, не се трудев да покажам екстра, екстра, на никого. Живеев за себе, исполнувајќи ги обврските, ама на тој начин да обврските се вклопат во моето живеење, а не обратно. Немав контрола над сѐ како порано и сфатив дека не треба. Тогаш како душата да се ослободи, имав поинакво чувство.
Легнував навечер без да размислувам што се случи на работа, што ќе биде утре или недела после тоа. Живеев во моментот и не мислев што понатаму. Не премислував, не визуелизирав. После толку години, уживав. Не знам до кога ќе трае, но баш како што кажав погоре, откачете, оставете, заборавете, не премислувајте, не размислувајте, макар и на кратко во текот на денот.
Можам да кажам дека тоа кафе ми го промени, не само текот на денот, туку текот на животот како целина.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Н. Буџак | Црнобело