За 10 години ќе нема кој да нè прегледа и да ни ја поправи чешмата
Интересно и зачудувачки ми е кога ќе слушнам – „А бе, ти само пари имај, и тука може да ти биде Америка!“
Како може да биде Америка само затоа што имаш малку повеќе пари од просечната плата, навистина многу сакам да знам. Надвор од групата на сите оние безобразни богати луѓе кои може да се качат на авион и да отпатуваат каде и кога ќе им „прдне“, без да се заморуваат со евтини летови и илјада и една комбинација на трансфер за да заштедат, која „црна Америка“ може да се живее во нашата држава, па макар и со 3 пати поголема плата од онаа која ја земате во моментов?
Веднаш да појаснам дека јас во моментов не планирам да заминам никаде од тука. Не ми е премногу сјајно, но не ми е ниту лошо. Да речеме дека живеам некоја „златна“ средина, не онаа нормалната, туку оваа–македонската, бидејќи тоа, според мене, се два сосема различни поими на различни скалила.
Она што мене ме плаши е – до каде ќе одиме во иднина со сето зло кое ѝ се случува на нашата држава? Корумпираноста, загаденоста, неспособните кадри, шундот и кичот во кој се задушуваме?
Корумпирано е сè, корумпирани сме сите на ваков или онаков начин до коскената срцевина. Не остана поинаков начин за да преживееш тука, сите се буткаме преку ред, ниту еден не следиме никакви правила. Тој што ги следи е наивен „мајмун“ и губи само време, па и нему му станало јасно дека не може вечно да биде последното дупче од шупелката за свирење.
Сега е лето, па нашата грижа си е пуштена на веселба. Сега е сè толку зелено, бујно, небото е чисто и прекрасно. Кој размислува за идната зима и загадувањето? Кој пак размислува за долгорочните последици по здравјето на луѓето?
Кога ќе ми речат лица од постарите генерации – А бе деца порано немаше толку тумори, ракови, алергии кои ги развиваш на „стари години“, толку брачни двојки кои се борат со неплодност… што денес така?
Дали се правиме наудрени со сила или навистина го изгубивме сиот осет со реалноста?
Ајде да размислиме уште еднаш зошто сме болни, алергични, неплодни и зошто умираме „од нога“, покосени како некои муви крвнички удрени на стакло или пак уште полошо – умираме бавно и тивко, нечовечки како некои животни во клиники кои се распаѓаат додека сам си носиш завој и фластер од дома за преврска.
Да позборуваме за неспособните кадри. Генерации и генерации празни лејки (оние кои ги бидува одамна си го фатија патот за странство), бидејќи таа „пуста туѓина“ го препозна и цени нивниот потенцијал. Нам ни останаа само „кецарошите“, „повторувачите“ и „врскаџиите“, ама сите се со факултет, сите се со магистратура, убави тие на мајка.
Сите способни доктори се пред пензија, а времето ќе летне и еден ден ќе се разбудиш болен, а некој од овие ќе глуми доктор и ќе очекуваш да ти препише лек и да те излечи? Ќе те умре уште вториот ден бре луѓе.
Кој ќе нè лекува, кој ќе ни работи по банките, кој ќе ни ги образува децата… ќе нема кој да ти ја поправи чешмата и да ти вароса по дома, бидејќи сите сме факултетлии, сите сме специјализирани за канцеларии, нема веќе мајстори и занаетчии.
Пред изумирање се, тоа е срамота, понижувачко да се работи. Нема со овој памет да стигнеме далеку, односно нам паметот толку одамна ни е изветреан што искрено се плашам дека ни нема веќе спас.
Каде и да се свртиш пливаш во шунд и кич, гротескни зданија, лоша музика која ти ги пара ушите, незадоволство, нетрпение. Како да ќе те изедат усти од кои се излеваат клетви и пцовки или ќе те удрат на првиот пешачки премин бидејќи кој си пак ти да му застанеш на некој „бате“ со ново Бе-ем-ве и врски, полн паричник и врски со локалниот сообраќаец?
Каков свет градиме за нас, а каков ќе им оставиме на нашите деца? Еве, имаш пари. Браво за тебе, си успеал во животот. И како во оваа напатена, уништена држава доведена до дното ќе го реализираш планот да живееш „како во Америка?“
Кога воздухот ќе се згусне како тесто и ќе почнеш да се задушуваш од загаденост ќе одиш на планина со парите, нели? И колку ќе поседиш таму? 5, 10 дена? Повторно ќе мораш да се вратиш дома.
Да не мислиш дека ќе дишеш некој посебен, специјален и незагаден воздух затоа што имаш поголема плата?
Да не планираш за секоја настинка, рутинска проверка или операција да се лекуваш во странство, наместо дома?
Да не мислиш дека парите ќе ти помогнат да се скриеш од сиот простаклак и безобразие на нетрпеливиот исфрустриран народ кој остана тука?
Да не мислиш дека со парите ќе му купиш подобри учители на своето дете и до кога мислиш дека ќе можеш да го правиш тоа?
Да не ќе успееш со твоите пари да ги пошумиш оголените зелени појаси, да ги пресадиш искасапените дрвја, да се заштитиш од неправедното судство, од извршителите, од даноците кои ти ги наметнуваат?
Конечно – дали ти, таков наивен и идеалист каква што сум јас сериозно мислиш дека ни има спас или ќе ми помогнеш да ја смениме сијалицата кога нема да остане никој друг тука?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело