Моето бебе ќе дојде порано или подоцна, ама вас памет нема да ви дојде никогаш
„Ти да не имаш ондулација?“, ме прашува постара колешка со која и не сме нешто особено блиски.
„Молам“, се чудам во неверување. „Што дали имам?“
„Тоа бе, со јајце клетките, за бебе“.
„Мислиш–овулација?“
„Да де, тоа. Имаш?“
„Не, циклус имам добиено“, одеднаш споделувам лични информации со персона која не ми значи апсолутно ништо, иако немаме споделено ниту едно кафе. Не знам од каде ми доаѓа да ѝ кажувам што имам и што немам.
„Леле, добиено. Абе на овие години пелени треба да менувате, не влошки!“
И откако ја кажа мудроста на денот, колешката едноставно се заврте и си отиде.
Твојот ден е упропастен, тебе ти останува да се нервираш и да си ја удираш главата од ѕид, да плачеш поради будала која не ја знае разликата помеѓу процесот на создавање јајце-клетки и трајна виткана фризура.
Но, колешката и не е единствената која се дрзнува да праша каква е состојбата со моите јајници, дали имаме редовен секс, имаме ли некој проблем и зошто сè уште немаме бебе.
Да не сме биле ние од тие кариеристите што сакаат само да работат и се интересираат за пари? Ејјј, парите нема да те гушкаат навечер, ајде побрзајте, време ви е. Ти колку направи веќе, 32?
Ти мудруваат, а ти се смешкаш воздржано, прибрано и недефинирано, како со насмевката на Мона Лиза, затоа што од дома да учеле да си културен, воспитан и да не возвраќаш со погрдни груби зборови.
Не е важно што тие безмилосно те навредуваат. Не е важно што на фамилијарниот ручек додека наздравувате одеднаш наоѓаат слободно време да те испрашаат за циклусите, прегледите, хормоните и да ти го засолат паметот. Таму некаде помеѓу второто залче месо, додека се боцка од салатата, тоа е претпоставувам најидеалното време да разговараме за јајце-клетки и сперматозоиди.
Бабички, комшивки, вакви загрижени душебрижни колешки, луѓе од средно или факултет кои не си ги видел со години и неретко намерно те одминувале за да кажат едно здраво, одеднаш сите живо се интересираат за твојот репродуктивен систем.
Родители кои се расплакани и благо припотресени како сѐ уште не станале баби и дедовци. Во ред е, меракот е голем, ама тоа бебе нема да биде ваше. Тоа што поставувате стотици дрски прашања и во меѓувреме константно нè потсетувате која затруднела, која се породила, кои веќе прославиле прв роденден со бебето, а тие едни (којзнае кои се тие ликови, не си ги видел никогаш во животот, ниту ти значат нешто) – чекаат трето дете!
Можеби ако постојано зборуваме за бремености и бебиња, и нашето магично ќе се создаде преку ноќ. Логиката мора да е таа.
Па нека им е со среќа на сите, каква врска има тоа со нас? Има, има врска.
Луѓето нема да пропуштат ниту една прилика да ве потсетат за вашите (според нив) неуспеси. Се чувствуваат некако фино, ете, тие веќе се размножиле и родендени прославиле, а вие до каде сте? Кутри души, за греота, не знаете што е среќа во животот.
Тие живи несреќни, раскарани, не може да се поднесат еден со друг, ама тоа не смееш да им го кажеш. Ти немаш право на забелешка и коментар, ама другите ја имаат.
И ќе ти ја кажат без пардон, ќе ти ја влепат во лицето како шлаканица, па ти плачи и нервирај се ако си немаш попаметна работа.
Не треба да ви биде гајле за гајлето на другите. Не треба да се интересирате кој кога ќе заврши факултет, кој кога планира да се жени или мажи, колкава плата зема, зошто не подигнува станбен кредит туку плаќа кирија, па нели му е попаметно да си инвестира во нешто свое… погодете што – не е ваша работа!
Ако мислите дека имате коментар, знајте дека соговорникот можеби има 5 пати повеќе. За вас.
Тоа што некој не ви враќа на безобразните коментари, не ве прави совршени. Тоа значи дека некој има усул, не сака удари под појасот, културен е и воспитан и ја знае границата на доброто однесување. Не сте премногу паметни бидејќи главата освен за ондулирана фризура за друго и не ја користите.
Јас знам дека моето бебе ќе дојде, порано или подоцна. Ама вас памет нема да ви дојде никогаш.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело