Од утре не пушам, жими сè!

Постои една малечка кутија што често се наоѓа во нашиот џеб, чини колку еден убав појадок, можеби помалку, можеби повеќе. Секој од нас ја носи како составен дел од неговата опрема за секојдневието и справување со секоја ситуација, како незаменлива алатка.

od utre ne pusam zimi se 01

Сигурно сфативте од овој мој мал вовед, зборувам за цигарите. Она слатко задоволство без кое многумина не можат да си го замислат денот.

Како да сме мазохистички настроени и иако тоа е единственото нешто на кое пишува „убива”, си го консумираме секојдневно без никаков проблем. Несвесни, или свесни ама воопшто не ни е грижа. Како сами со сила да си го баравме... А од она што знаев, најчесто тој што го бара и го добива, она што му следува.

Иако не сум некој кој може да се вброи во групата на пушачи со долгогодишна традиција, сепак може да се каже дека нашата дружба со никотинот и сите негови „убавини” започна во прва година на факултет. Посебна причина нема, можеби ум на будалетинка која сака да проба, можеби од стрес, јас би рекол.

Како решението за сите проблеми кои повлекуваа еден тон материјали за предметите, нервози по читални, менаџирање буџет, разни расплакувања со моите за тоа како не може човек тука да се навикне, да исчезнуваа во тие неколку минути. Од неговото запалување до неговото гасење. Си ја труев душата, мислејќи дека нешто си олеснувам. Знаејќи дека се трујам бев среќен. Парадокс или целосно лудило?

Дури ми се случи да седам на маса, нели како новокомпониран пушач, па не сакаш да се експонираш јавно, да бидам прогласен за најразумниот човек во просторијата полна чад. Човек кој не ги фрла парите на она што штети на животот, а јас кутар како локомотива – по две кутии во денот. Иронија на животот, но што е тука е.

Долго време не ми доаѓаше паметот и некако полесно беше да се благословувам секојдневно со чадот на цигарите, отколку да си ги кинам нервите. Не можев да го замислам кафето, паузите на факултет, одењето по улица, без она што во тој период беше незаменливо, тутунот. Од ништо, стана завист, која стануваше сè потешко да се искорени.

Се сеќавам дека беше сабота навечер, пиевме со другарите. Од никаде се завртив и реков, „Дечки, јас од утре не пушам, жими сè!”.

Не знам од каде дојде, не знам ни зошто, ама се случи и веќе немаше назад после тие зборови. Ги изговорив. Се свртија и ме погледнаа, рекоа дека сум пијан и дека не треба да тресам глупости.

Утрото се разбудив, посегнав во џебот од јакната, немаше кутија. Ме фати криза, признавам. Си помислив да купам, но во главата ми одеше разговорот од претходниот ден, се натерав себеси да бидам поголем од нив. Овој пат морав!

Кризирав, а никогаш не мислев дека можам да дојдам во таква состојба само поради тие мали, смрдени, безопасни, чуда. Кафето без цигара не беше кафе. Одморањето после јадење без цигара беше необјасливо тешко. Паузите кога другите тргаа од димот за мене беа болка. Како некој со нож да правеше фигури по мојата кожа.

Беше тешко како да оставаш човек. После четири и пол години неразделност, јас им раскинав на цигарите, морам да признаам толку тешко не сум се чувствувал ни додека сум раскинувал љубовна врска.

Помина првиот ден, преживеав. Вториот и сите наредни потоа, се навикнав. Другарите се чудеа како. Им реков едноставно е, нема да купуваш кутија.

Да, знам, ќе кажете дека ако не купуваш кутија ќе се гребеш од другите, но до кога? Едно време ќе ти стане срам, па фатен во безизлезот од некупување и гребење, ќе немаш избор и сакал или не, ќе ги откажеш.

Наместо старата навика купував јаболка и интегрални грицки. За кога ќе ме фати криза да можам да си ја затнам устата и да не се дрзнам на слаткиот грев.

Понекогаш не излегував на пауза, често пати знаев да го гризам ракавот од блузата и да си повторувам во главата, „Нема да запалиш, нема, нема!” Дури и кога другите ќе запалеа знаев да кажам „Не”, без проблем, на почеток присилно, но подоцна и самоволно.

Се борев со себеси, се борев со порокот, беше тоа борба во која победив. На крајот не можев да објаснам колку горд се чувствував на издвојуваната победа. 

Четири месеци после мојата макотрпна битка, чувствувам прочистување. Можам да истрчам до пет километри без да се задишам, дури и да се искачам на осми кат без никаква мака. Облеката веќе не мириса на дим, а сè околу како да доби нов вкус и мирис.

Луѓето почнаа да ја забележуваат позитивната промена и веќе не бев оној кој едвај чека да се разбуди за да запали цигара. Најдов други работи кои ме исполнуваат, сè она што немаше смисла претходно, доби смисла.

Не се труев, а и бев мотивација за многу колеги да го пробаат истото. До ден денес се чудат како, а јас ги уверувам нив и секој еден кој мисли дека не може.

Тоа е битка на ум против тело. Ако го сетираш мозокот да размислува онака како што треба, тогаш ќе имаш апсолутна моќ врз она што телото го бара како задоволство.

Пред некој ден после толку време, запалив една. Другиот ден мислев дека ќе ги повратам белите дробови, се пцуев себеси и се запрашав, зошто луѓето ги игнорираат алармите кои ги праќа телото? Зарем постои среќа во работите кои пополека те уништуваат?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg