Престанете да сте во филмот на квази џет сетот и јаките градски фаци и најдете си живот
Мразам луѓе што доцнат. Мразам луѓе кои се влечат како прдеж во гаќи и не знаат како да завршат две обврски во денот, бидејќи се вртат во круг и постојано се жалат како денот не им стигнува за ништо.
Но, најмногу ги мразам луѓето на кои им е престиж да се во друштво на некои познати градски фаци. Тоа што си немаат друго хоби или попаметна работа во животот си е нивен проблем, но тоа што решиле постојано да ги масираат сите околу нив со големиве животни победи го прави проблемов наш.
Не може човек раат да каже каде прошетал или што јадел или се напил.
„Седнавме таму и таму на кафе…“
- Ааа, газдата ми е многу добар пријател. Го знам, како не го знам. Знаеш што вози? Ееееј, да видиш што вози во гроб ќе се вртиш. „Шајка“ сме со него, секој ден сме на кафе.
Тие можеби си пружиле рака еднаш во животот, важно „шајка“ се. Кого го импресионирате со вашите познанства, многу сакам да знам.
Престиж ви е да сте во друштва на некој квази џет-сет што е вистинска смешка. Багра арогантни и неписмени суштества, ама пустите за едно селфи со нив душа ќе си продадете.
Престиж ви се криминалци, ѕвезди кои глумат само такви, невоспитани, луѓе кои немаат никаков осет со реалноста. Оние кои живеат во некој филм, а вие очајно сакате да добиете главна улога во истиот, иако не сте ништо повеќе од помошник за време на снимањето.
Дали сте се запрашале кому се трудите да му се допаднете? Кого и зошто сакате да го воодушевите, само да сте дел од тој некој круг на луѓе каде што очигледно не припаѓате?
Какво злосторство стана да кажеш дека не го познаваш тој и тој или таа и таа, некои си (очигледно) познати фацки кои го вртат градов.
Не ги познавам. Не ми се битни. Не ми значат ништо.
„Ама како не ги познаваш, лелееe, ти си првата што ми го рекла тоа“.
И во очај да изгребете малку од тој навидум златен сјај со кој се обложени овие фаци во состојба сте да се понижите, да ви се смеат во лице, додека вие наоколу се фалите со кој сте седнале на кафе или ручек.
После пак ви е криво како не сте ја воодушевиле толпата со овие големи подвизи. Зошто не се возбудуваме како вас? Како ништо не ни значи тоа што сте биле на одмор со битни фаци?
Светот стана едно чудно, одвратно место за живот. Се сведе на тоа со кој те виделе, со кого си седел на сепаре, па како се облекувале тие, што возеле, што пари вртеле, кои се нивните, до трето колено кои се и што се, семејно стебло знаете да им нацртате.
Ќе се истепате за влезници на настани кои не ве интересираат, само да седнете во истиот ред со градските фаци. Ќе свртите 16 телефони да добиете покана на некој коктел или забава каде што ќе бидат тие и тие за да утре кажете – и јас бев таму.
Во принцип не сте ничиј другар, ниту пак им значите нешто на тие луѓе на кои им се упикувате. Си живеете во некоја фина удобна лага, во константно убедување дека и вие сте битни и познати, дека сите врати ви се отворени, сите ве знаат, а оние кои имаат обичај да ви префрлат конечно да престанете со ова бизарно однесување–ви се љубоморни.
Јас пак сум никоја и ништо. Не ги познавам градските фаци, ниту пак ме интересираат. Ниту тие ме знаат, ниту пак ќе ме запознаат некогаш.
И моите другарки не се познати. Ниту пак се заморуваат со вакви плитки, тривијални нешта.
Наместо тоа си имаме живот и се имаме една со друга.
(О)Милена | Црнобело