Ако целиш кон мали работи - мали работи ќе ти се случуваат. Зарем не те возбудува непознатото?
Затвори ги своите очи и дозволи да те понесе чувството кое го предизвикува непознатото, нека биде твој ветар во грбот, немој да се плашиш.
Зошто луѓето најчесто се плашеа да посегнат по нештата што навидум изгледаа невозможно? Зошто мислеа дека постои нешто што не можат да го постигнат, како да чувствуваа невиден страв од предизвикот?
Остави го општеството, не е важно каква фризура имаш и каква бројка е твојот кармин, не е важен твојот парфем, ниту брендот на твоите патики. Не е важно колку чини твојот фустан и дали твојот накит е бижутерија. Не е важно како изгледаш, можеме да бидеме целосно голи додека го освојуваме светот.
Затвори ги очите и почувствувај ја музиката на срцето. Го чувствуваш ли ритамот на неговото биење, зарем не те возбудува она што го носи непознатото?
Фрли го телефонот, заборави на зборовите, заборави на проблемите, заборави на сите пораки, на луѓето, вдиши го воздухот и ќе сфатиш дека околу тебе има многу повеќе од она што сега го гледаш. Нешто што е тука цело време, а ти трошиш време да го пронајдеш.
Нема потреба да се чувствуваш безвредно, не ти зборувам на памет, сум бил таму, сум го видел тоа. Заборави на момчето кое не ти враќа на пораката или на девојката која те гледа само како пријател. Остави ги оние кои се ситат на твојата мака, нека се удават во својата злоба.
Заборави на шефот кој денес повторно проба да те изнервира без причина, на кредитот во банка, на завидливата комшивка и на невоспитаната продавачка во малото. Едноставно заборави.
Денес изгледа како сите кои некогаш биле причина за да се чувствувам измалтретирано, одеднаш да ме сакаат, а претходно им било толку лесно да ме мразат. Чудно како работите се менуваат преку ноќ, кога ќе станеш некој, ако станеш.
Тогаш многу молчев, сметајќи дека е бесцелно да водиш кавга со некој што не разбира, а тие мислеа дека едноставно можат лесно да ме замолчат. Но, и тоа е сосема неважно. Поминува.
Она што е најважно е да го искористиш својот максимум. Затоа што зошто да се плашиш да уловиш голема ѕверка, зошто такво себепотценување?
Ако цело време целиш кон мали работи, мали работи ќе ти се случуваат. Не се плаши да дадеш сè, за да добиеш сè.
Вдиши и издиши, секогаш кога некој ќе се обиде да го наруши твојот мал сопствен мир и ќе проба да ја скрши твојата тегла на среќата, вдиши и издиши. Потребни се неколку секунди.
Потсети се дека тие се сосема неважни. Потсети се дека утре нема да имаат никакво значење во твојот живот. Потсети се дека ти и само ти си важен(на).
Потсети се што треба да постигнеш и запомни дека секој ден можеш да имаш насмевка на лицето, ако престанеш да размислуваш одново и одново, да анализираш, наместо тоа, препушти се на текот.
Турни ги своите граници и живеј без никаков лимит. Направи нешто ново, нешто што досега ти било страв да го направиш.
Посегни по непознатото, кој знае што се крие таму. Ако никогаш не посегнеш, никогаш и нема да дознаеш. Биди храбар човек, без разлика дали си маж или жена, биди свој(а) за да стигнеш на врвот и многу повисоко. Затоа што ти тоа го можеш!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело