Убава, паметна, ама нема дечко - значи мора нешто да ѝ фали

Сингл животот во Македонија стана едно брутално измачувачко искуство. Попусто им се смееме на нашите родители, нивното корзо пред Ванила, „стискавецот“ на Angie на Rolling Stones, којашто сите со задоволство ја очекувале, бидејќи е песна која трае прилично долго што е еднакво на минутажата која ќе ја поминете во гушкање на својата симпатија.

Ubava-pametna-ama-nema-decko-01.jpg

Работите порано можеби биле прости, но прилично јасни: Сакаш ли да ми бидеш девојка? Работата се запечатувала со бакнеж и држење за раце. Кратко и слатко.

Денес полесно ќе добиеш трансплантација на бубрег, отколку ваква љубовна изјава или понуда.

Денес флертот и љубовта се сведоа на Insta-приказни и SEEN на пораките. Денешната љубов е далеку од онаа во минатото – наивна, искрена, реална и ослободена од стеги и предрасуди.

Денес сите се обидуваме да продадеме имиџ, некоја исполирана подобра верзија од себеси, која всушност е лажна слика насликана со евтини бои кои безмилосно се разлеваат на првиот дожд.

Личи на сè, освен на оригинал. Очајни сме да се прикажеме како уникатни и интересни, а љубовта е само еден аспект кој страда во процесот.

Особено интересно е што сè уште се обидуваме да го одржиме во живот процесот на стројништво, односно народски кажано „местење“ на двајца сингл луѓе.

Еве го најпарадоксалниот момент: му кажувате на вашиот пријател дека сакате да го запознаете со некоја фина девојка, затоа што сметате дека добро ќе си одговараат. Првото прашање кое го добивате е – што работи и колку години има, а третото е – А што ѝ фали?!

Не е важно што пријателот е постар и понеуспешен од неа. Уште не ја видел, тој веќе ја проценува и носи одлука дека затоа што нема дечко, нешто мора да ѝ фали. Нема врска што и тој нема девојка во случајов. Важно оценил дека таа е со „фалинка“.

Заради ваквите осуди и предрасуди не е никакво чудо што толку многу луѓе се сингл.

Втората лоша работа која се случува и на која сме постојано сведоци е некомуникацијата помеѓу машките и женските друштва во град.

Седнале 10 жени на една маса и 10 мажи на друга и не се ни погледнуваат. Недај Боже маживе да се охрабрат и да тргнат кон жените за да се запознаат. Недај Боже на жениве да им се срони бисерот и први да кажат здраво.

Ќе се зјапаат под око цела вечер и секој ќе си отиде дома онака како што излегол сам, без ниту едно ново искуство, макар и пријателско.

Третата и најлоша работа којашто се случува е што додека подмолно се манијачат двете страни, тие потајно се оценуваат. Го оценуваат изгледот, облеката, сè што носите на себе. Ретко кој сака вистински да запознае некого.

Луѓето (и мажите и жените) денес, не ги интересира вашата насмевка, како сте го поминувале детството или како напредувате во работата.

Тие се интересираат за плитки, површни нешта–каков часовник носите, каде си ја фенирате косата, каков автомобил возите. Имате ли стан или куќа и колку заработувате.

Никого не го интересира која е вашата последна прочитана книга, последен изгледан филм и какви чувства ви предизвикала. Никому не ми е особено гајле дали сте учтиви, воспитани, имате ли манири, колку сте образовани, блиски ли сте со семејството и се почитувате ли.

Наместо тоа, луѓето зјапаат во длабочината на деколтето, задникот за кој се дискутира колку е заоблен, каде сте ги пополниле усните, имате ли тетовирани веѓи, свилени трепки, колку пати неделно вежбате грб и бицепс, возиш ли скап автомобил и дали можеби имаш викендичка на некоја туристичка дестинација?

Токму така, и мажите и жените денес генерално се спонзорџии. Најмногу ги интересира материјалното, пред духовното. Никој не е заинтересиран за таа пуста внатрешна убавина или за карактерот. Материјалните нешта се поважни, а таму каде што интересот е главно фокусиран на оваа тема, нема простор за љубов.

Никој нема трпение да се занимава со романтични гестови и да ризикува, да се бори во име на љубовта.

Не останаа дами, нема џентлмени, остана само егото и суетата дека секој е подобар од другиот, дека треба да се имаат високи стандарди од кои не треба да се отстапува.

Сите бараат нешто совршено, а никој не се погледнува во огледало. Сите пекаат за љубов, а никој не се потрудил да ја пронајде, да работи на неа, да ја задржи и да ја негува пред таа целосно да скапе.

Секако, секаде има група која е исклучок од правилото. Искрено се надевам дека сте дел од таа група. Таму каде што љубовта е лишена од суета и материјализам, евтини емоции и лажно себепретставување.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
И кога имате над 50 години не запирајте - животот допрва почнува Во минатото жените на таа возраст плетеле чорапи и полека почнувале да одат на г...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg