Дали мислите дека ќе ја „префатите“ дебелината, ако сте во близина на дебел човек?
Постојат мал број на теми за кои мразам да зборувам, повеќе отколку за мојата тежина.
Би зборувала за сиромаштијата, за тажните детства, неизлечивите болести, повеќе отколку што би сакала да зборувам за мојата тежина и како изгледам.
Како дозволив толку долго тежината да диктира како ќе се чувствувам околу себе? Дали ќе го прифатам својот изглед? И уште поважно, колку ќе бидам среќна?
Денес многу внимание се обрнува на тежината. Прифатете ја килажата... Изгубете некој килограм... Здебелете се малку...
Секој со својот проблем.
Не можам да застанам на каса во супермаркет, а погледот да не ми заврши на некое списание кое ми кажува како да изгубам 2 - 3 килограми до недела.
Не е дека ова е некоја нова тема.
Човештвото отсекогаш било опседнато со тежината. Порано жените се обидувале да се здебелат за да изгледаат како да се од некое богато семејство, денес сите се опседнати да изгледаат тенки како стапичиња.
Дури и високите чевли се дизајнирани така што предвид е земено дека секоја девојка ќе биде доволно слаба, па ми се случува да одберам модел кој никако, ама баш никако не ме собира кај листовите...
Ако видите покрупна жена на списание, веднаш доаѓаат негативните коментари. Прелетуваат на сите страни како да се птици преселници на есен.
Но, од каде сета таа омраза? Дали доаѓа од истото место од каде потекнуваат нетолерантноста , расизмот и останатите комплекси?
Дали е можеби страв дека дебелината е заразна, па ако некој долго време поминува со дебела личност и самиот ќе ја „префати“ дебелината?
Секако, постојат оние кои изјавуваат дека едноставно се загрижени, бидејќи со прекумерната тежина доаѓаат проблеми како срцеви заболувања, дијабетес...
Но, и генетиката и пиењето и пушењето... можат да доведат до овие заболувања.
Па, не ќе да е сè баш заради загриженост на некој добар Самарјанин.
Плус, останува прашањето дали сите треба да бидеме ставени во еден ист кош или постојат различни типови на дебелина?
Тука започнуваат фрустрациите за мене.
Отсекогаш сум била „дебелото детуле“.
И знам како изгледа да бидеш исмеван за својата тежина на мала возраст. Како изгледа да слушаш зајадливи коментари додека се движиш низ училишните ходници и какви погледи добиваш додека седиш на школските клупи.
Се случи друга приказна додека бев на факултет. Тука научив дека постои поинаков тип на „дебела девојка“ и не е така важна твојата тежина сè додека си покрај прекрасни луѓе на кои се чини дека не им е грижа колку килограми си носиш со себе.
Потоа доаѓа потрагата по првото работно место кога повторно си опколен со прекрасни слаби луѓе, а ти не можеш да се стокмиш во тесно здолниште и кошула за да изгледаш доволно професионално.
Потоа наполнив 30 години и работите како да почнаа да се менуваат.
Еден ден решив да почнам да пешачам низ градот, така сосема сама. Само со своите мисли кои ми тежеа на рамениците како стар товар. Следниот ден почнав да се движам повеќе. И повеќе. Почнав и да трчам.
До крајот на летото почнав со P90X затоа што ми кажаа дека нема да успеам, нема да издржам.
Како што станав посилна, сфатив дека сум и поздрава. Не дека комплетно ослабев. Погледите уште беа тука, ама барем за себе си велев дека сум „фит дебела девојка“.
И во право бев.
Не е важно дали сме слаби или дебели, здрави или нездрави, дали сме „зависни“ од брза храна или хроно диети. Сите си имаме една мака - Изгледам доволно добро?
А, постојат поважни теми за разгледување заради кои тежината комплетно треба да се тргне од темите за разгледување. Теми како на пример, дали си себичен, злобен, нетолерантен, гневен, непријатен...
Ајде барем за момент да замислиме дека е поважно да се фокусираме на други теми, не на тежината...