Учете од нашите грешки - не губете го времето онаму каде што не ви го ценат трудот
Дел сум од оние по малку изгубени генерации кои немаа баш многу среќа со образовниот систем и целокупната општествено-политичка ситуација. Во забавиште го цртавме знамето со петокрака, некаде во прво одделение го цртавме знамето со 16 „морковчиња“, а за некоја година знамето „вентилатор“ кое гордо го вееме и денес.
Бевме исплашени и збунети дечиња, дезориентирани и премногу се инсистираше на зборот авторитет и почит кон повозрасните. Тоа од една страна е убаво, бидејќи растеш во културна и воспитана личност.
Од друга пак е тажно и погубно за твојот потенцијал и капацитет, бидејќи ваквиот однос ти ја убива секоја креативна клетка во телото. Тука некаде и бунтовноста се буткаше под чергата, како и слободата да се впушташ во ризични и неискалкулирани ситуации и подвизи.
Кога дојде време да се запишуваме на факултет, по некое непишано правило кај нас сите се одлучуваа за правен, економски или општествени науки. На медицина одеа оние со татковци, тетки или чичковци доктори, на архитектура оние кои умееја добро да цртаат, и евентуално на електро и машински екстремно надарените деца со изострено чувство за математика, физика и многу учење.
И тоа беше тоа, немаше некој неверојатен избор. Не паметам некој од мојата генерација да завршил програмирање или да ми каже дека студира внатрешен ентериер или пак на дипломата ќе му пишува инженер за животна средина.
Некако сите се вклопивме во калапот на сметководители, преведувачи, социолози и правници и одеднаш општеството реши дека има премногу ваков кадар, а за нас веќе беше доцна.
Денес ја имате сета слобода да изберете што сакате. Интернетот е достапен повеќе од кога и да било и лесно може да се информирате за работа во странство за време на летниот период, размена на студенти или можност за добивање стипендии.
Ако за нешто им завидувам на новите генерации, тоа е што генерално имаат многу поголема поддршка и разбирање од домашните кога станува збор за насоката на нивното образование. Ви завидувам на достапноста на информациите, можностите кои се отвараат пред вас, а најмногу за храброста, решителноста и бунтовноста која ја поседувате во себе.
Бидејќи кога си одлучен и ризикуваш, најчесто и среќата застанува на твоја страна.
Не велам дека и вам ви е лесно. Не велам дека образовниот систем нема фалинки, дека тече мед и млеко, дека секогаш налетувате на отворени врати, добри совети и разбирање.
Но, сепак, знајте дека сте во малку подобра ситуација од нашата. Имате избор и слобода и зграпчете ги. Мудро искористете ја секоја нова шанса. Учете, дообразувајте се, вложувајте во себе.
Секој ден е можност да се научи нешто ново и корисно. Бидете понизни, жедни за знаење, подготвени за предизвици. Дозволете патот да ве однесе онаму каде што ќе го ценат вашиот труд и знаење. И никогаш, никогаш не откажувајте се.
Ние таа лекција ја учиме многу доцна. Вие не повторувајте ги нашите грешки.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело