Дај да ослабам, па да се запишам во теретана, срамота е!

Да му е срам и незгодно на човек да отиде во тератана или на фитнес! Да му е срам и арам!

Daj-da-oslabam-pa-da-se-zapisam-vo-teratana-sramota-e-01.jpg

Одамна имам слушнато еден смешен муабет – „Леле, дај да зачистам по дома, ќе ми дојде чистачката, срамота е“, а денес си го мислиш истото – „Леле, дај да ослабам, па да одам во теретана, срамота е!“

Влегуваш во тој свет храм на фитнесот. Силни светла, огледала насекаде, хитчиња кои трештат...

Тонирани тела, девојчиња како од модна писта, стегнати во професионална опрема, наместени, и стокмени врз орбитреците, како секој момент да ќе скокне професионален фотограф од некој агол и ќе ги штракне за на насловна.

Девојчиња, без грам иронија, секоја чест, ви пружам рака.

Ги гледаш, капка пот не им паѓа низ лицето. Од што се направени бе децава, што јадат, си помислувам додека ја вадам „опремата“ од ранецот.

Излитени хеланки (добро е, немаат дупка на средината). Маичка со мало дупче (само јас си знам дека го има де), и мала флека (од кечап ли е, од слатко ли е), од што е?

Се обидувам да вртам со ритамот на музиката, а од мене се излева река. Мора да изгледам налудничаво и страшно, сите ме загледуваат некако чудно.

Добро е, не јадев многу денеска, си помислувам и си се охрабрувам, додека едната девојка ѝ објаснува на другата како тостирала малечко тенко парченце леб со уште потенок спој путер од кикирики. И тоа е – за цел ден.

Лепчето се тостирало за да се изгубеле некои квасци кои дебелеат или создаваат киселини... мене мозокот ми се дроби, ми се прави каша од сите овие информации.

Ааа, готово е девојче, од утре само на марули, си помислувам.

Кратка пауза, одам до тоалетот. Погледот ми застанува на огледалото. Од таму ме ѕирка некоја која во лицето е како црвена бабура. Испотена, косичето залепено, со дамката на непрофесионалната маица за вежбање!

Ми паѓа незгодно, ја нарушувам оваа совршена слика и хармонија во вежбалницата.

Излегувам, две момиња си прават некој енергетски шејк. Подолу, двајца младичи си ги мерат... мускулите и испуштаат некои неконтролирани звуци на дивината.

Собирам храброст и го прашувам одговорниот на теретаната да ми покаже некои вежби. Во неговиот поглед се меша потсмев, сожалување и чудење како тоа не знам на кој начин се местат одредени машини за вежбање... погледот „Од која планета падна ти бе девојче“ ми е доволен, сфаќам дека местото не ми е тука.

Кога ќе се стегнам, ќе се доведам во ред и ќе бидам во топ форма ќе се вратам и ќе им покажам, ха! Тогаш веројатно ќе го заслужам правото на вежбање.

Не сум јас за затворени простории, подобро функционирам на отворено, помислувам додека се искачувам на средно Водно. Кога оп – и таму момичиња ко за на насловна.

Оние во теретаната барем се во спортска опрема, овие налицканиве се... не знам за каде се.

Со штикличиња, сјајче на усните. Округли обетки колку глава на мало новороденче, со тренерки во последен моден крик и натпис „SEXY“ на задникот испишан со букви што светкаат.

И тие те гледаат чудно. За никаде не си, мајко мила!

Си одиш дома, си симнуваш вежби. Ја тргнуваш целата облека од орбитрекот, си го забришуваш од прашина. Златниот тој, закачалче верно, тука бил, се криел под облеката.

Во старата маица со дамката, си рокнуваш музика која не предизвикува епилепсија и започнуваш со вежбање.

Без предрасуди, без вртење очи и потсмев од околината.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Пејачот Даниел Данн за CRNOBELO лексикон: „Еден ден би сакал да имам ранч со животни“ „Првата симпатија ми беше уште од училишните клупи и се немаме видено многу одам...
Антониа Гиговска за CRNOBELO лексикон: „Прв симпатија ми беше наш познат пејач“ „Дали е мана не знам, ама лесно се заљубувам. Нормално, ако тој некој има нешто ...
„Држи мe цврсто за рака“: Приказна за љубовта меѓу ќерката и таткото „Ако јас те држам за раката и нешто ми се случи, големи се шансите да ти ја пушт...
Живеам во Стојаково: Зошто избирам да живеам во село, наместо во град? Тука се живее послободно, трчаме на сопствена земја, се движиме послободно и без...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg