Девојко, не се продавај за неколку капки парфем
Во светот кој е сурово и одмаздољубиво место за живот, ти реши да се скрасиш покрај партнер кој ти нуди првенствено комфор, наместо љубов. Ти ги разбирам донекаде причините девојко, но никогаш нема да те оправдам. И не можеме да бидеме другарки.
Секако дека животот со пари е многу полесен. Будала и лажго ќе биде оној што ќе ти каже поинаку. Не е пријатно да се будиш со страв поради купот неплатени сметки и со грч да ја дочекуваш секоја нова сезона кога треба да се обновува гардеробата на децата или да се плати регистрацијата на автомобилот. Навистина е многу тешко. Но, потешко е да ја продадеш љубовта за пари.
Потешко е да легнуваш до некој кој освен со купување подароци, не знае како поинаку да те направи среќна. Со човек кој не те разбира и очигледно не те познава.
Не продавај се девојко за неколку капки парфем. Застани цврсто на земја и кажи си себеси дека ниту 2 ниту 20 крпчиња облека не вредат колку твојата душа. Ти си здрава, имаш мозок, функционираш како и сите нормални луѓе. Веројатно имаш поголеми соништа и амбиции отколку да завршиш како нечиј трофеј на полица и да фаќаш прашина.
Зарем не сакаш да го доживееш чувството самата да заработуваш и да си купиш што сакаш од сопствен џеб, без некој друг да го прави тоа за тебе?
Зарем не си жедна да ја почувствуваш таа наслада од сопствениот успех и твоите достигнувања? Зарем не си уморна постојано да угодуваш некому, иако не ти е дојдено до тоа, зарем не ти се смачи од сето преправање, умилкување и ласкање, затоа што сакаш да имаш автомобил, а те мрзи да се помачиш да си купиш самата?
И оној купен на старо и новиот ќе ти ја завршат истата функција, ќе те префрлат од едно до друго место. Разликата е само во надворешноста и секако, до суетата. Со подарениот автомобил ќе си го нахраниш егото, со оној што ќе го заработиш ќе си ја нахраниш душата.
Ќе се обидеш да ги пополниш празнините на одреден временски период со скапа облека, патувања, брендирани чанти. Ќе успееш можеби и да се самозалажеш, како што ја лажеш околината дека си среќна и дека љубовта ја измислиле сиромашните и партизаните. Не знам каков вкус имаат лагите, веројатно на депресија и осаменост.
Тука се разделуваме девојко убава. Никој не ти љубомори, напротив, те сожалуваат. Те доживуваат како оние куклите кои ги придвижуваат со конци, како актер во театарска претстава. Можеби си во главната улога, но ретко имаш право на дијалог. На монолог скоро никогаш.
Девојко... можеби некогаш, пред да станеш стара истрошена и тажна кукла, некогаш кога ќе се освестиш и ќе прогледаш, ќе успееме да испиеме едно кафе и којзнае, можеби и ќе станеме пријателки...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
(О)Милена | Црнобело