Сакам да бидам некаде каде не сум била претходно...
Имам потреба,
Потреба да бидам некаде
Каде сега не сум.
Сакам да бидам вагабонд,
Птица преселница,
Скитник,
Авантурист...
Сакам да се разбудам во град кој не е мој,
Да се изгубам во морето
На лица кои не ми се познати.
Заљубена сум во звукот на нови јазици
Кои воопшто не ги разбирам.
И во вкусовите
Кои мојот јазик никогаш
Не ги почувствувал.
Имам потреба да бидам
Некаде каде не сум сега...
Сакам да се движам по непознати тротоари,
По улици непознати,
Со непознати имиња.
Да истражувам градови
Без мапа да ми го покаже правиот пат.
Сакам да бидам некаде
Каде сум никој и ништо.
Каде не се водам од планови.
Да се најдам некаде во средина.
Сакам да го земам ранецот
И да заминам.
Да не се вратам
Сè додека не ми се искинат патиките,
А мојот куфер не се наполни
со спомени
И приказни.
Имам потреба да бидам некаде
Каде не сум сега.
Н. Г. | Црнобело