Не ве повредува љубовта, туку обичните простаци кои не знаат да сакаат
Најжалното нешто што може да се случи за секоја индивидуа е губењето на вербата во нештата, а секојдневно бев сведок за луѓето кои полека се откажуваа од работите само затоа што престануваа да веруваат. Честопати носеа одлуки на погрешни примероци и се водеа од погрешни заклучоци, но кој може да оди против тоа?
Знаеа да кажат дека нивното срце било скршено, јас знаев да кажам дека срцето е мускул, така пишуваше во сите научни литератури од кои што бев опкружен, а ако одиме според логиката на науката, мускулите не можеа да бидат скршени.
Но, сепак постоеше можност да бидат растегнати до болка. Ја разбирав таа ненадминлива болка која ги убиваше секојдневно. Но, дали таа беше доволна причина за да се изгуби надежта и вербата во едно од најблагородните чувства на човештвото, дали беше доволна за да ја изгубиме вербата во вистинската љубов ?
Сите оние кои живееја во болка која го скршила нивното срце, вината ја препишуваа на љубовта. Како единствен виновник за она што им се случува. Помислуваа дека е измислена, дека не постои, дека исчезнала, дека не може никогаш да биде пронајдена. Никогаш не си препишуваа вина за својот избор или можеби за своето однесување кое ги втурнало во таква безизлезна ситуација.
Понекогаш велат дека кармата знае да те погоди кога најмалку очекуваш, познавав многумина кои не можеа да бидат среќни во љубовта само заради нивното љубовно досие во минатото. Кој ќе верува на лажго кој многупати кажал „Те сакам”, а воопшто не го мислел тоа?
Додека сите мразеа да признаат, не беше љубовта која ги повредуваше, туку обичните простаци кои си поигруваа со нечии чувства префрлајќи ја својата валкана игра на љубовта. Таа како нема жртва секогаш ја преземаше иако поради тоа секојдневно, полека изумираше.
Изумираше тој бакнеж на страст, со чисти емоции и таа прегратка која не бара никакви материјални нешта, туку само едноставно губење во просторот,замрзнување на времето во обид никогаш да не престане тоа убаво чувство.
Луѓето не можеа или не сакаа да сфатат дека тоа се случува заради нивниот личен избор, поради луѓето кои ги одбрале и дозволиле да им влезат под кожа. Им беше тешко да кажат дека ја дале својата доверба, а таа била немилосрдно искористена. Некои даваа и многу повеќе, својата верба, своето тело, сѐ што поседуваа, а добиваа ништо за возврат. Едно големо ништо.
Сета таа болка предизвикуваше еден процес на депресија во кој луѓето знаеа потполно да се изгубат. Се затвораа во себеси, изолирајќи се од светот, изолирајќи се од сите чувства. Ја земаа љубовта како крвен непријател и беа жедни за одмазда.
Постануваа простаци, како оние кои ги сретнале и им ја нанеле таа болка, спремни и тие да ја нанесат на некој друг. Така непрестајно, незапирливо се ширеше тој круг на бесчувствителни суштества кои се жедни за нанесување болка, а за сметка на тоа вистинската љубов стануваше реткост.
Додека ги набљудував луѓето низ мојот прозор од дневната соба, размислував дали после такво болно растегнување на срцевиот мускул, луѓето би биле способни повторно да сакаат искрено.
и затворав очите и се молев да го пронајдат својот вистински пат, никогаш да не ја изгубат вербата и да научат дека не ги повредува љубовта, туку луѓето кои не знаат да сакаат. Тоа беа два различни акти, кои моравме да научиме да ги разликуваме.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело