Ми недостигаат „Новите Години“ кога тортите беа несовршени, а елките не беа „во тон“
фото: Фејсбук
Празничната еуфорија е тука и топло ни е на душата секоја година во овој период, зарем не?
Целото тоа новогодишно китење, сите тие сијалички и подароци си имаат посебна магија.
Но, ако се вратите со мислите години наназад како да беше дури и уште поубаво.
Сè беше некако поприродно, спонтано, направено дома.
Порано немавме совршени елки во тон, кои „не смеат“ да имаат повеќе од две бои.
Порано елките беа експлозија од бои.
Секој лампион беше своја приказна, па од зајче до снешко, од стаклени до пластични лампиони на нашите елки имаше буквално сè.
Имавме сијалички во сите бои, плус најсветкавите ленти.
Елките личеа на вистински детски рај, односно изгледаа токму како што едно дете би ги замислило и нацртало.
Пошарено буквално не можеше...
Во минатото и колачињата и тортите изгледаа поинаку.
Не беа совршени.
Некогаш резултатот на часови и часови правење дома беше дури и смешен.
Но, дури и тие „неуспешни“ обиди носеа толку многу љубов, што мене до денес ми изгледаат поубаво од сите тие совршени торти и колачи украсени со фондан од македонските слаткарници.
Не велам дека не се убави, туку дека ја немаат магијата како оние од минатото кога мајката ги правела 2/3 дена, а дечињата брцкале со прсти во филот и со нетрпение чекале кога ќе бидат готови да пробаат.
Целото семејство како да беше сплотено во име на правење на една торта.
Домот го китевме со сите можни украси кои сме ги добиле во текот на годините и дури тогаш кога изгледаше кич, нас ни беше најубав затоа што секој украс ни означуваше нешто и нè враќаше во некое време.
Погледнете ги овие ретро фотографии од Фејсбук, кои ќе ве вратат наназад:
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело