Билјана Марк на 3 години го преживеала скопскиот земјотрес: „Ме поклопил плакар, со месеци живеевме во Идризово со затворениците“
Во затворот поминав неколку месеци. Во тоа време имав постојан контакт со затворениците кога излегуваа во дворот.
Ми правеа кукли од дрво, некои играчки. Ама, повеќето од овие работи ми се како во сон, пошто бев многу мала.
Колку што се сеќавам, ние бевме единственото семејство што живееше во затворот.
Татко ми тогаш имаше уште повеќе работа, зашто не се грижеше само за затворениците, туку одеше и на терен.
Имаше лопови коишто крадеа, пари, злато од срушените куќи, а тој помагаше да се фатат и да им се вратат скапоценостите на сопствениците.
Дел од затворениците имаа задача да помагаат да се санира Државна болница која, исто така, беше многу разрушена.
По земјотресот, пред новата куќа
По некое време, татко ми доби барака кај црквата Света Петка, кај сегашната полиција, и таму живеевме некоја година.
Но, со странска помош, во тоа време почнаа да се градат и бараките во Тафталиџе, па татко ми избрал барака таму и решил да се преселиме од Топаана.
И покрај тоа, Топаана толку многу ме влечеше, што чекав да дојде петок попладне и да се вратам во старото маало.
Имав другарчиња од сите етнички заедници, Албанци, Роми, Срби и сите излегувавме на улица, си игравме, седевме на столчиња, старите пиеја кафе.
Се сеќавам, кога ќе дојдев на улицата, ми требаше пола саат да стигнам до нашата капија, зашто сите што ќе те сретнат, ќе те застанат да прашаат како си - е така живеевме.
А, пред куќата секогаш стоеја дрвени налани и иако сите беа исти и беа наредени една до друга, сите знаевме кои налани се чии.
Баба ми работеше тогаш кај владиката во црквата што се наоѓа кај денешна американска амбасада.
Ја чекавме да се врати од работа, а таа ќе ни купеше симит погачи и ние ќе седневме на истите метални креветчиња на кои што спиевме кога се случи земјотресот и ќе јадевме.
Се сеќавам, неколку години по земјотресот имавме немила случка со еден од затворениците.
Тој веќе бил пуштен на слобода и некаде низ Скопје ја видел мајка ми.
Ја запаметил од времето кога сме живееле во затворот, а татко ми бил праведен човек, но строг управител и ги казнувал сите што ги кршеле правилата.
Па, за да му се одмазди на татко ми, некогашниот затвореник ѝ удрил бокс на мајка ми и таа паднала под автобусот.
Сестра ѝ била со неа, видела што се случило и почнала да вика, да бара помош, инаку автобусот можел да ја згази. Мажот избегал, него никогаш не го фатија.
Куќата во којашто го преживеав земјотресот денес е срушена, а на нејзино место има перална за автомобили и кафуле.
Неодамна го сретнавме човекот што ја купи и нè викна да одиме да пиеме кафе.
Таму ми се вратија многу убави спомени.
Го гледав дворот кај што сум трчала, ама сега е перална, ги нема наланите. Сепак, убаво е, ме потсетува на детството“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Приватна архива