Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав
„Тоше, ајде стани и за половина час биди на Кале. Одам јас натаму со Андријана и Дејан. И спреми се за сликање“, му кажа таа.
Им јавив на работа дека имаме промена на планот и тргнавме пешки преку плоштад до Кале. Тоше дојде 10 минути по нас.
Пред тој да стигне, направив неколку фотки од Дејан - се качи на канделабра, на клупа, позираше на Кале, а проба и сам да го имитира „погледот на Тоше од билбордите“.
Додека тој позираше, Тоше втрча од зад него.
„Што ви е идејата? Ајде да направиме нешто откачено“, рече и клекна да прави склекови.
Лилиќ му се придружи без размислување. Глумеа и „висок-низок“ старт за почеток на трка, „занесен поглед во далечина“, праќаа бакнежи за читателките...
И денес се смеам кога ќе ми текне какви откачени пози измислуваа. А апаратот имаше можност да направи само 36 фотки - не го понесов дигиталниот апарат со картичка, тогаш немаше мобилни со камера, а и нашиот тогашен фотограф не можеше да дојде.
Но, нашата импровизирана фотосесија, оваа што ја договоривме во 30 секунди, без никаква конкретна идеја и претходно спремање, ми е омилената од сите што низ годините ги направивме за „ТАА“.
А, кога ги развив фотките не можев да престанам да се смеам. Тие погледи, пози, насмевки - сè е искрено и од срце. Затоа и денес, скоро 22 години откако се направени, зрачат.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Андријана Јовановска