Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипед 18-то брзинец
Во мое време игравме друштвени игри.
Не лути се човече, монопол, домино, табла, ризик, карти, редевме сложувалки. Еден во маало имаше монопол и со часови игравме, купуваме улици, градевме куќи и хотели и навиваме кој ќе заврши во затвор. „Крадевме“ на „Не лути се човече“, и секогаш, како по правило, некој се лутеше и со солзи одеше дома.
Слагалиците со 1000 сложувалки беа нашата занимација во дождливите денови, а во летните вечери игравме кент, брич или хант и магарац.
Дел од овие игри и денес се иргаат, но на интернет, во виртуелни соби и без никаква детска врева!
Во мое време имавме Чибичан.
Наместо мобилни паметени телефони од најнова генерација со стотици игри, во мое време се радувавме на чибичан, нашето мини дигитално милениче. Моравме да го храниме, да си играме со него за да не му биде здодевно, да го бањаме и плачевме кога ќе умреше, ама брзо го заменуваме со ново јајце и ново пријателче.
И не смеам да го заборавам тетрисот, играчка на секое дете од 90-тите.
Во мое време пишувавме лексикони и споменари.
Да, ние го имавме прадедото на Фејсбук, лексикон, потпишан од сите ученици и во нашиот клас, другарките од маало и од курсот по англиски јазик.
Тоа беа големи тетратки со дебели или кожeни корици, во кои пишувавме кои сме ние, што сакаме да јадеме, нашите хобија и таленти и лепевме фотографија од нас. Нешто како „About“ на Фејсбук.
Во споменарите чувани под перницата или скриени во плакарите, ги пишуваме името на нашите симпатии, стававме бакнежи со кармините од мама и горевме страници за да бидеме уникатни. Пишуваме песнички со рима и сечевме слики од списание „Таа“ за да го декорираме.
Во мое време фраер беше тој што имаше велосипед со 18 брзини, а не Ајфон.
Само главните фраери во маало има велосипеди со 18 брзини и тоа од големите. Јас немав среќа со велосипедите, па долго време ми требаше за да се тргнат помошните тркала. За петките во трето одделени добив БМХ, а за полуматура голем велосипед со 18 брзини.
Улиците беа преполни со деца кои се тркаа со велосипеди, по некој плач по падот од ролери, а најбезбедни беа тротинетите. За маскенбал не купуваме костими, туку сами си правевме, кловнови, пирати, доктори, принцези со невестински фустани, војници или мачиња со црни хеланки и нацртани мустаќи.
Во мое време гледавме филмови на видеокасети кои ги изнајмуваме за викенд, имавме блок број 5 со легендарната сцена од Титаник, гледавме Тропски горештни, Патот за Авонли, Бунтовници и Ѕвон, Дигимон, Покемон и Штрумфови, Том и Џери, Твити и Брзата птица итрица.
Во мое време азбуката ја научивме со „Бушава азбука“, а во 12 часот гледавме Народни приказни со царот Ѓорги Колозов, а омилена ни беше насловната песна од „Во светот на бајките“.
Во мое време на роденден носевме или кадифено мече или тетратка и молив, јадевме Снежец и Руменко, си правевме излети во блискиот парк и концерти за кои наплаќавме влез од 10 денари, цртавме со креди по тротоари, имавме крвави колена и многу лузни, а секоја лузна денес е само сеќавање, на едно убаво и среќно време.
Листата е долга, ама што правевте во вие во вашето време? На што се сеќавате и што ви недостига?
Прочитајте и Детство во 90-тите: Пливавме во езерцето Треска, се возевме на Панорамата во Луна Парк и пеевме на Златно славејче
И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com