Девојка која не знаела да држи бормашина, сама си го реновирала целиот дом и заштедила 20.000 евра
Претходно не знаела да држи дупчалка, а сега успеала да заштеди околу 20.000 евра во реновирање на својот дом. Оваа домаќинка одлучила слободното време да го искористи и да научи да работи со алат и го реновирала сопствениот дом.
Шона Оконор (29) од Ирска стана топ тема, откако претходно објавуваше видеа на социјалните мрежи од уредувањето на домот и проектите што таа ги изработува сама. Шона има свој сопствен блог, каде споделува дел од сопствените искуства.
Велат дека „маката на сè ќе те научи“ па таков бил случајот и со неа. Таа првпат почнала да се интересира за ваквите проекти во ноември 2020 додека била на породилно отсуство.
Поради пандемијата, таа останала дома и ѝ било потребно да најде нешто креативно за да го пополни времето. Пред да започне карантинот дома имала мајстор што местел плочки во нејзината кујна, но со затворањето - работата останала незавршена.
Иако претходно немала никакво искуство во работата, таа се одлучила сама да ги намести плочките и така се вљубила во тоа сама да изработува проекти во сопствениот дом.
„Пред да се научам како сама да ги изработувам проектите најчесто барав сопругот да ми закачи слика и некогаш чекав и по неколку недели додека да најде време да ја заврши работата. Не ни помислував дека може да се научам сама да користам алат и да ги завршам работите“ – вели Шона.
Таа раскажува дека тоа што се научила сама да го користи алатот само ѝ помогнало - од една страна нашла како креативно да го поминува времето, а од друга страна пак, заштедила многу пари во реновирањето на домот.
„Имаше многу работи што требаше да се завршат по дома и мене очајно ми требаше да правам нешто креативно за да ми помине времето. Почнав со некои поедноставни задачи како менување на прагот на влезната врата и тоа ми даде самодоверба да продолжам понатаму“ – вели Шона.
Во пералната Шона изработила сушара на ѕидот користејќи делови од стара дрвена преграда за бебиња. Освен тоа, направила посебни полици до каминот, а му дала нов живот на домот со нова боја.
Потоа, таа започнала да работи на поголеми проекти во домот, што вклучувале и целосна трансформација на дневната соба, а што ја чинело само 500 евра.
Парите ги потрошила на дрво, материјали и завртки, а сето ова го искористила за да изработи мал фиокар и полици, но и клупа до прозорецот.
Таа вели дека клучно за заштедата е тоа што постојано учи нови вештини. Таа вели дека кога реновирате најмногу пари трошите за работна рака, па тоа што таа се научила сама да ги прави нештата во голема мерка ги намалува трошоците.
Доколку вработела мајстори, вели дека сите проекти што ги изработила сама ќе ја чинеле околу 20.000 евра.
„Пораката што сакам да им ја упатам на жените е дека се способни. Ако имате интерес за самите да изработувате проекти, земете алат и посветете се. Не грижете се за тоа дали ќе направите грешки, тоа е дел од работата. Чувството дека сте ја постигнале целта и гордоста што ќе следат се најубавите чувства“ – вели таа.
Инаку, Шона на социјалните мрежи редовно споделува свои видеа од проектите што ги изработува. Таа во целост го прикажува процесот заедно со сите несакани ситуации.
Повеќе фотографии од нејзините проекти во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело