Нови протеини кои ветуваат третман за Алцхајмер и тумори - 6 нови технологии во тековната 2019-та
Еден ден некоја од овие нови технологии (а можеби и сите) ќе бидат дел од вашето секојдневие и без нив нема да можете да си го замислите животот.
Секоја година технологијата се развива сè побрзо и создава нови гранки коишто допрва ќе ги откриваме. Дел од нив се појавуваат како резултат на потребите на човештвото, а дел како последица од развојот на претходните технологии.
Прашањето е дали новите технологии се навистина неопходни или се можеби само резултат на потребата за заработка?
Прочитајте малку повеќе за шесте нови технологии кои оставаат печат врз 2019 година:
1. Минијатурни леќи коишто ќе овозможат развој на мини-оптички апарати
Рамните металеќи можат да го заменат дебелото стакло при манипулирање на светлината. Развојот на мобилните телефони налага што е можно појаки камери, во што е можно помал простор.
Сегашниот тип на стаклени леќи се физички ограничени колку мали може да бидат, но рамните металеќи се потенки од еден микрон и се покриени со мноштво објекти со нано големини коишто ги менуваат својствата кога светлината ќе падне на нив и заедно имаат улога на леќа.
2. Нова класа на протеини коишто ветуваат третман на Алцхајмер и тумори
Научниците користат ригорозна комбинација од биофизика и компјутерски пресметки за подобро да го разберат посебниот вид на протеини IDP (природно немирни протеини) коишто може да бидат клучни при третманот на Алцхајмер и рак, бидејќи самите тие се менуваат според тоа во која средина се вметнати.
3. Паметни ѓубрива коишто ќе го намалат загадувањето на животната средина
Новите формули на паметни ѓубрива ги хранат растенијата во зависност од нивните потреби. Познати како бавно-ослободувачки ѓубрива, овој тип на ѓубрива се состојат од мали капсули коишто се полни со супстанци кои содржат јаглерод, фосфор и останати нутриенти.
Надворешната лушпа на капсулите го забавува продирањето на водата до внатрешноста, како таа би ги ослободила нутриентите побавно. Како резултат на тоа, нутриентите се топат постепено, наместо наеднаш и растенијата се хранат подолго во помали дози.
4. Виртуелната реалност наскоро ќе направи да се чувствуваме како растојанието да не постои
Развојот на виртуелната реалност ќе направи разговорите преку интернет да бидат како разговори во живо, вклучувајќи го и допирот.
Апликациите како Skype, Messenger, WhatsApp, Viber и други, ќе можат да се поврзат со апарати за виртуелна реалност, како и аугментирана реалност и нашите соговорници ќе бидат веднаш на допир до нас, буквално на допир.
5. Напредното следење на храната и пакување на храната ќе спасува животи и ќе го намали загадувањето
Годишно околу 600 милиони луѓе страдаат од труење со храна, а 420.000 умираат. Комбинацијата на две технологии може да го намали и труењето со храна и фрлањето на храна.
Прво, „блокчеин“ технологијата ќе помогне полесно да се следи потеклото на храната и нејзиниот пат, а подобреното пакување ќе воведе нов начин на проверка дали храната е добро складирана, на соодвтена температура или дали можеби почнала да се расипува.
6. Складирањето на информации во ДНК е поблиску одошто мислевте
Природниот систем за складирање информации на животот, забрзано се адаптира за да може да складира масивни количини на информации. Бидејќи хард дисковите се соочуваат со физички ограничувања во поглед на тоа колку информации можат да соберат, а интернетот прави тие информации да се зголемуваат во секоја секунда неколкукратно, логично е да се побара решение во природниот хард диск ДНК нишката.
Информациите можат да се зачувуваат на секвенцата на буквите на долгата нишка на нуклеотиди од деоксирибонуклеинската киселина, којашто е веќе подготвена за читање и пишување од природата, а истовремено е и многу стабилна.
(О)Милена | Црнобело