Instagram Story: Колку време дневно трошиме гледајќи ги туѓите животи?
Чекате ред во маркет, се досадувате на пауза од работа, или патувате и не знаете како да си го пополните времето?
Секако дека знаете, Instagram Story-то е секогаш полно со фотки и видеа од блиските пријатели, блогери, брендови или славни личности.
И така малку по малку, цело време си трошите по неколку минути од денот гледајќи го животот на другите луѓе.
Instagram Story постои 1 година, а ако мислите дека не губите многу време на туѓи животи, можеби статистиките ќе ви го променат мислењето.
Имено, според истражувањата на Instagram, на дневна база дури 250 милиони корисници гледаат Instagram Story, опцијата која компанија ја воведе по пример на Snapchat.
За споредба, Snapchat дневно има околу 166 милиони корисници, што е само доказ дека Инстаграм направи полн погодок.
Оваа опција на Instagram станува сѐ повеќе популарна, па заради тоа е забележан и раст на времето кое корисниците го поминуваат на оваа апликација.
Да бидеме поконкретни, корисниците на возраст над 25 години, поминуваат во просек 24 минути дневно гледајќи Story, а оние помладите околу 32 минути секојдневно.
Заклучок? Падот на популарноста на Instagram не е на повидок, па така, сѐ додека креативните тимови смислуваат нови опции, оваа апликација ќе ни одзема сѐ повеќе време. Но, само ако самите ние го дозволиме тоа.
Што мислите вие за ова? Колку време поминувате вие на оваа социјална мрежа гледајќи Instagram Story?
М. М. | Црнобело